Три дена ренџери гасат пожар на Шар Планина

Илустрација, шумски пожар го гасат пожарникари

Најмалку три дена на територијата на Национален Парк ,,Шар Планина" има активен пожар при што гори букова шума, ливади и меѓни стебла во приватни имоти.

Ренџерската служба три дена се обидува да го локализира пожарот, но како што велат од Центарот за управување со кризи, имајќи ги в предвид сите услови, нивните човечки ресурси се исцрпеи и не се во можност сами да се спрабат со овој активен пожар. На помош им е испратен полициски хеликоптер.

Видете и ова: Само еден пилот за три авиони за гасење пожар

Пожарот се наоѓа над село Селце на оддалечен и тешко пристапен стрмен терен.

„ Локацијата била и претходни години горена со што има голема количина лежечка дрвна маса во којашто огнот тлее преку ноќта, но повторно се активира во попладневните часови, а дополнително се тркалаат опожарени трупци и го пренесуваат огнот надолу многу брзо и со тоа зафаќаат поширока територија“, се вели во соопштението од ЦУК.

Од Националниот парк велат дека временските услови се слични во изминативе три дена и дека и денеска се очекува со зголемување на температурата и зајакнувањето на ветрот горењето повторно можно да биде обемно.

Претходно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување предупреди дека гасењето на пожари со авиони годинава ќе биде сериозен предизвик, затоа што од трите пилоти со кои располагала Дирекцијата останат е само еден, затоа што другите двајца од јануари годинава се пензионирани.