Американскиот претседател Џо Бајден вети „железна“ поддршка за Израел откако одржа итен состанок со највисоките безбедносни претставници. Тој во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека ги осудува иранските напади врз Израел и дека ќе го координира одговорот на Групата седум ( Г7) по синоќешните случувања.
Тој рече дека САД му помогнале на Израел да ги собори дојдовните беспилотни летала и проектили и ја потврди „железната посветеност на Америка“ за безбедноста на Израел.
„По моја насока, за поддршка на одбраната на Израел, американската војска премести авиони и разурнувачи за одбрана од балистички проектили во регионот во текот на изминатата недела. Благодарение на овие распоредувања и извонредната вештина на нашите војници, му помогнавме на Израел да ги собори речиси сите дронови и проектили што пристигнаа“, рече Бајден, по состанокот со националниот тим за безбедност .
Бајден во разговорот со Нетанјаху, истакнал дека Израел покажал извонреден капацитет да се брани.
„Му кажав дека Израел покажа извонреден капацитет да се брани и да ги порази дури и нападите без преседан - испраќајќи јасна порака до своите непријатели дека не можат ефективно да ја загрозат безбедноста на Израел“, рече Бајден, пишува во соопштението од Белата Куќа .
Видете и ова: Израел и сојузниците пресретнаа „огромно мнозинство“ беспилотни летала и проектили лансирани од ИранЗемјите ширум светот ги осудија нападите на Иран врз Израел доцна во саботата, предупредувајќи дека нападот се заканува дополнително да го дестабилизира Блискиот Исток.
Израел и неговите сојузници пресретнаа „огромно мнозинство“ од стотици беспилотни летала и проектили лансирани од Иран во текот на ноќта. Силни експлозии и блесоци на светлина можеа да се видат на небото над многу делови на Израел во раните утрински часови на 14 април, додека противвоздушната одбрана на земјата се обидуваше да ги собори дојдовните беспилотни летала и проектили што Иран ги лансираше само неколку часа откако заплени брод поврзан со Израел во Ормускиот теснец.
Израелските власти пријавија само мала штета на една израелска воена инсталација и соопштија дека 7-годишно девојче е критично повредено од нападите, бидејќи повеќе од 200 беспилотни летала и проектили, меѓу кои и над 10 крстаречки ракети, биле пресретнати пред ударот.
„Иранскиот напад беше спречен“, изјави портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари рано на 14 април, додавајќи дека „99 отсто“ од проектилите што ги нападнале биле пресретнати. Хагари рече дека резултатот е „многу значаен стратегиски успех“.