Израел и сојузниците пресретнаа „огромно мнозинство“ беспилотни летала и проектили лансирани од Иран

Анти-ракетениот систем на Израел во одбрана од беспилотните летала и балистичките ракети испратени од Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети победа по масовниот воздушен напад од Иран во текот на ноќта кој означи остра ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

„Пресретнавме, одбивме, заедно ќе победиме“, напиша Нетанјаху во објавата на 14 април на социјалната платформа X, порано Твитер.

Израел и неговите сојузници пресретнаа „огромно мнозинство“ од стотици беспилотни летала и проектили лансирани од Иран во текот на ноќта. Силни експлозии и блесоци на светлина можеа да се видат на небото над многу делови на Израел во раните утрински часови на 14 април, додека противвоздушната одбрана на земјата се обидуваше да ги собори дојдовните беспилотни летала и проектили што Иран ги лансираше само неколку часа откако заплени брод поврзан со Израел во Ормускиот теснец.

Израелските власти пријавија само мала штета на една израелска воена инсталација и соопштија дека 7-годишно девојче е критично повредено од нападите, бидејќи повеќе од 200 беспилотни летала и проектили, меѓу кои и над 10 крстаречки ракети, биле пресретнати пред ударот.

„Иранскиот напад беше спречен“, изјави портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари рано на 14 април, додавајќи дека „99 отсто“ од проектилите што ги нападнале биле пресретнати. Хагари рече дека резултатот е „многу значаен стратегиски успех“.

Американските и британските медиуми објавија дека нивните вооружени сили учествувале во соборувањето на проектилите кои дошле, пресретнувајќи некои над граничната област Ирак-Сирија додека се движеле кон Израел.

Видете и ова: Ирански дронови навлегоа во израелскиот воздушен простор, нема жртви


Израел го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да свика итна седница во Њујорк на 14 април за да разговара за нападот. Израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, нападот го опиша во пост на социјалната платформа X како „сериозна закана за глобалниот мир и безбедност“.

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе ги свика сојузниците за да разговара за ситуацијата на Блискиот Исток и да координира одговор. Бајден телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по што рече дека ја потврдил „железната посветеност на Америка“ за израелската безбедност.

Светските лидери на економската Група седум (Г7) ќе одржат видео-конференција подоцна во текот на денов, на која ќе разговараат за иранските напади врз Израел, соопшти домаќинот Италија која годинава претседава со групата најразвиени земји.

„Италијанското претседателство на Г7 ги повика лидерите на Г7 на видео конференција рано попладнево“, соопшти владата.

Во Г7 чуествуваат САД, Јапонија, Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Канада.


Западните земји го осудија нападот, а Франција предупреди дека Иран „ризикува потенцијална воена ескалација“. Велика Британија го опиша нападот како „непромислен“, додека Германија го повика Иран „веднаш да го запре“.

Претседателката на Европската унија Урсула фон дер Лајен напиша на X дека нападот е „еклатантен и неоправдан“.

„Ги повикувам Иран и неговите полномошници веднаш да ги прекинат овие напади“, додаде таа.

„Сите актери сега мора да се воздржат од понатамошна ескалација и да работат на враќање на стабилноста во регионот“.

Израел рано на 14 април соопшти дека повторно го отворил својот воздушен простор за комерцијален сообраќај и дека аеродромите продолжиле со работа.

Видете и ова: Нетанјаху: Израел е силен, ќе ги победиме сите непријатели

Израел и Иран беа огорчени непријатели со децении, но ова беше прв директен напад од едниот на тлото на другиот наместо преку прокси сили или со меѓусебно таргетирање на имотите во трети земји.

„Досега, пресретнавме огромно мнозинство од дојдовните проектили“, рече портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари за нападот што го започна Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) како одмазда за смртоносниот напад со беспилотно летало на 1 април кој Израел го изврши врз иранската амбасада во Дамаск, Сирија.

Лансирањето доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Иран и Западот поради продолжувањето на војната во Појасот Газа и нападот во Сирија.