Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „Израел е силен“ по објавата на израелските власти со кои се потврдува информацијата дека Иран лансира беспилотни летала кон Израел.
Нетанјаху во видео обраќање, објавено на неговиот профил на социјалната платформа „Х“ порано позната како Твитер, рече дека израелската армија е подготвена за одбрана.
„Државата Израел е силна, Израелските одбранбени сили се силни, народот на Израел е силен“, напиша Нетанјаху на Х, само четири минути по објавата за очекуваниот напад од Иран.
„Заедно ќе стоиме, и со Божја помош – заедно ќе ги победиме сите наши непријатели“, изјави тој.
Сирени се огласија во пограничниот дел на Израел во близина на границата со Либан, соопшти израелската војка.
Овој потег на Техеран доаѓа на само неколку часа откако иранската морнарица заплени брод поврзан со Израел во Ормутскиот Теснец, поттикнувајќи стравувања од распространет конфликт на Блискиот Исток.
Видете и ова: Бајден на состанок со тимот за национална безбедност, САД вети поддршка за Израел
Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари изјави дека одбраната на Израел е подготвена да се справи со нападот.
Израелските воздухопловни власти соопштија дека израелскиот воздушен простор ќе биде затворен за сите летови пред претстојното пристигнување на иранските беспилотни летала и дека сирените ќе се огласат во областите на потенцијални напади.
Во меѓувреме египетското Министерство за надворешни работи повика на примена на „најголема воздржаност“ за да се поштеди регионот и неговиот народ од дополнителни фактори на нестабилност и тензии, јавува новинската агенција Ројтерс.