Бајден на состанок со тимот за национална безбедност, САД вети поддршка за Израел

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден го прекина викенд престојот во неговата куќа на плажа во Делавер за да се сретне со неговиот тим за национална безбедност во Белата куќа во саботата (на 13 април) од каде ќе ја следи ситуацијата на Блискиот Исток додека Иран започна напад против Израел, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

Тензиите се на највисоко ниво од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас пред шест месеци, откако осомничениот израелски напад овој месец врз иранската конзуларна зграда во Сирија загинаа 12 лица, вклучително и двајца високи ирански генерали во елитните воени сили.

Иран вети дека ќе му возврати на Израел, а американските и израелските власти се подготвуваа за напад, предизвикувајќи загриженост за ескалација на конфликтот во поширока регионална војна.

Видете и ова: Иран лансира беспилотни летала кон Израел


Портпаролот на Советот за национална безбедност, Адриен Вотсон, во саботата изјави дека „Иран започна воздушен напад против Израел. САД ќе застанат со народот на Израел и ќе ја поддржат неговата одбрана од овие закани од Иран“.

Бајден се качи на претседателскиот хеликоптер од паркот во близина на неговата куќа во плажата Рехобот, Делавер, за да се врати во Вашингтон во саботата попладне, непосредно пред израелските власти да потврдат дека забележале лансирање на беспилотни летала кон нивната територија од Иран.

Пентагон објави дека секретарот за одбрана Лојд Остин разговарал со својот израелски колега „околу итните регионални закани... и јасно ставиле до знаење дека Израел може да смета на целосна поддршка од САД за да го одбрани Израел од какви било напади од Иран и неговите регионални посредници“.

Советникот Џејк Саливан, исто така, разговараше со својот колега за да ја зајакне „железната посветеност на Вашингтон за безбедноста на Израел“.

Бајден во петокот рече дека САД се „посветени“ на одбраната на Израел и дека „Иран нема да успее“. На прашањето од новинарите која е неговата порака за Иран околу можниот напад врз Израел, единствениот одговор на Бајден беше: „Немој“.

САД, заедно со нивните сојузници, испратија директни пораки до Техеран за да предупредат од понатамошна ескалација на конфликтот.

За време на конфликтот меѓу Израел и Хамас кој владее со Газа и е означен како терористичка група од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, имаше речиси секојдневна размена на оган меѓу израелските сили и милитантната група Хезболах поддржана од Иран долж границата меѓу Израел и Либан.

Американските власти регистрирале повеќе од 150 напади на милитанти поддржани од Иран во Ирак и Сирија врз американските сили во базите во тие земји од почетокот на војната на 7 октомври.