Израелската војска доцна вечерва (на 13 април) соопшти дека Иран лансирал десетици беспилотни летала кон Израел и дека времето на летот на дроновите може да трае со часови. Овој потег на Техеран доаѓа на само неколку часа откако иранската морнарица заплени брод поврзан со Израел во Ормутскиот Теснец, поттикнувајќи стравувања од распространет конфликт на Блискиот Исток.
Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари изјави дека одбраната на Израел е подготвена да се справи со нападот.
Израелските воздухопловни власти соопштија дека израелскиот воздушен простор ќе биде затворен за сите летови пред претстојното пристигнување на иранските беспилотни летала и дека сирените ќе се огласат во областите на потенцијални напади.
Два ирачки безбедносни извори изјавија за Ројтерс дека десетици дронови се забележани како летаат од Иран во правец на Израел.
Напад од Техеран се очекуваше во Израел по осомничениот израелски воздушен напад врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск, Сирија, на почетокот на минатиот месец, во кој загинаа двајца бригадни генерали.
Лидерите во Техеран предупредија на одмазднички напад, додека американскиот претседател Џо Бајден, го предупреди Иран дека при каков било напад врз Израел, Вашингтон целосно ќе го поддржи Израел.
Израел претходно во текот на денот најави затворање на училиштата во земјата и рече дека војската е во состојба на готовност во очекување на можен ирански напад.