Над 50 илјади загинати луѓе, припадници на рускиот воен персонал од почетокот на руската инвазија врз Украина, документира независниот руски медиум „Медиазона“. Според нивните податоци од почетокот на инвазијата која трае повеќе од две години, се претпоставува дека оваа бројка е поголема за десетици илјади.
Медиазона, која ги следи руските воени жртви во соработка со Би-Би-Си врз основа на смртни случаи евидентирани во јавно достапни извори, во своето последно ажурирање вели дека 50.471 член на руската војска загинале во војната од нејзиниот почеток во февруари 2022 година.
Видете и ова: Зеленски: Потребни се повеќе војници и опрема за да се запре руската офанзива
„Ги знаеме имињата на повеќе од 3.300 офицери на армијата и другите безбедносни сили. Од нив, 390 имаат чин потполковник и погоре. Вистинскиот број на загинати е пресметан според регистарот на оставински предмети и е актуелен заклучно со 15 март 2024 година, со последна бројка од околу 85.000 лица“,пишува рускиот независен медиум Медиазона.
Весникот, исто така, наведува дека Русија изгубила голем број тенкови, оклопни транспортери и артилериски единици во последните недели, иако жртвите од тие загуби не се вклучени во ажурираните бројки.
Русија губи околу 1.200 војници неделно, според Медиазона, а најголем дел од жртвите доаѓаат од руските региони Краснодар и Башкортостан.
Вооружените сили на Украина проценуваат дека руската војска претрпела 451.730 жртви во војната, вклучувајќи мртви и повредени, додека американските и британските разузнавачки агенции велат дека руските жртви надминуваат 300.000.
Киев тврди дека биле убиени повеќе од 180.000 руски војници.
Русија ретко дава податоци за жртви. Последната проценка, дадена седум месеци по војната, беше нешто помалку од 6.000 луѓе.
Украина објави дека изгубила 31.000 војници од почетокот на војната.