МНР:Граѓаните да избегнуваат патувања во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи (МНР) апелира до државјаните на Република Северна Македонија да избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии, сопштија од МНР на 12 април.

Причина се информациите за можно влошување на безбедносните состојби во Израел и во регионот, се вели во соопштението од МНР.

Видете и ова: Во израелски напад врз Газа загинаа тројца синови на лидерот на Хамас

Претходно во петокот, 12 април, Соединетите Држави им забранија на своите вработени во Израел и на членовите на нивните семејства да патуваат надвор од поголемите области на Тел Авив, Ерусалим и Бер Шева, поради потенцијален одмазднички напад на Иран врз Израел по смртта на командантот на Револуционерната гарда во Сирија.

„Поради голема претпазливост, на вработените во американската Влада и на членовите на нивните семејства им е забрането приватно патување надвор од пошироката област Тел Авив, Ерусалим и Бир Шева до натамошно известување“, соопштија од американската Амбасада во Израел.

Американскиот претседател Џо Бајден пред два дена изјави дека Иран се заканува дека ќе изврши „значаен напад врз Израел“ и дека САД остануваат посветени на безбедноста на својот сојузник.

Видете и ова: САД ветија „непоколеблива“ поддршка на Израел по заканите од Иран

Во нападот на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружуваа.

Израел тврди дека не стои зад нападот, додека неколку официјални лица од Техеран, исто така, претходно се заканија со одмазда за нападот, вклучувајќи го и иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој кажа дека „злобниот режим мора да биде казнет и ќе биде казнет“.