Вучиќ побара поддршка од Кина во „борбата за вистината“ пред ОН

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Ли Минг, амбасадорот на Кина во Србија, Белград, септември 2023 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од кинескиот амбасадор во Србија, Ли Минг поддршка од Кина „во борбата за вистината пред Обединетите нации“.

На затворен состанок во Обединетите нации (ОН) на 17 април ќе биде претставена нацрт-резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, како што претходно објави Гласот на Америка.

Властите во Белград, и покрај меѓународните пресуди, негираат дека во 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците.

По средбата со кинескиот амбасадор на 12 април, Вучиќ на Инстаграм напиша дека е благодарен за „цврстата и непоколеблива поддршка на Кина за Србија на глобалните форуми“.

„Истакнав дека Србија во овие тешки моменти ги цени принципиелните партнерства и челичното пријателство, што се покажа со акции во најтешките моменти“, додаде тој.

Видете и ова: Одбележана годишнината од убиството на 105 Бошњаци во Сребреница

За конечната резолуција, на која се уште се работи, земјите членки на ОН би можеле да се изјаснат на седницата на Генералното собрание на ОН на почетокот на мај.

Во нацрт-резолуцијата, во која Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид, меѓу другото, се бара без резерва да се осуди секое негирање на геноцидот во Сребреница и да се охрабрат членките на ОН да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел да се спречи геноцидот во иднина.

Иницијатори на резолуцијата се Германија и Руанда, но како што објави Гласот на Америка повикувајќи се на неофицијални извори, во создавањето на текстот учествувале и САД, Албанија, Босна и Херцеговина, Чиле, Финска, Јордан, Нов Зеланд, Турција и други земји.

Видете и ова: На 17 април состанок во ОН за нацрт-резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Пресудите на меѓународните судови и судовите во Босна и Херцеговина утврдија дека е извршен геноцид врз околу 8.000 бошњачки цивили во јули 1995 година, кога војската на Република Српска ја окупираше Сребреница.

Досега повеќе од 50 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница.