Во петокот, на 12 април, Сребреница ја одбележа 31-годишнината од страдањата на 105 Бошњаци, убиени од гранати истрелани од позициите на војската на Република Српска на спортските терени на Основното училиште во Сребреница.
Настанот се случи за време на фудбалски турнир на 12 април 1993 година, кога 74 лица загинаа веднаш од експлозии на гранати, а повеќе од сто цивили беа ранети. Уште 31 лице починало на пат кон болницата и во болница.
На трибините во близина на спомен плочата беа положени венци, а на оградата на спортското игралиште мајки и членови на семејствата на загинатите положија 105 цвеќиња во спомен на жртвите.
Во јули 1995 година, во Сребреница беше извршен геноцид врз Бошњаците, што се смета за едно од најтешките злосторства извршени во Европа од Втората светска војна.Се проценува дека силите на Армијата на Република Српска убиле повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња во и околу градот за само неколку дена. Повеќе од 40.000 луѓе беа протерани.
Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани над 6.650 жртви, а на други локации над 230 жртви. Според податоците на Институтот за исчезнати лица на БиХ, уште се трага по околу 1.200 жртви.
Повеќе од 50 лица беа осудени на вкупно повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница пред меѓународните, регионалните судови и судовите во БиХ.
Судот во Хаг, исто така, го осуди Ратко Младиќ, водачот на војската на босанските Срби за време на војната 1992-1995 година, на доживотен затвор. Истата казна ја доби и Радован Караџиќ, поранешниот претседател на Република Српска.