Досегашните мерки за згрижување на децата од улица и работата со нив не го даваат посакуваниот резултат, вели Васка Бајрамовска-Мустафа од канцеларијата на омбудсманот на Меѓународниот ден на деца од улица. Еден од главните предуслови за решавање на проблемите со питачењето и со честата појава на деца питачи на улиците е подобрувањето на социолошката и економската состојба во која егзистираат нивните семејства, истакнува таа.
„Праксата покажува дека ефектите од згрижувањето на децата, начините на работа со нив очигледно не ги даваат посакуваните резултати. Податоците што ги обезбедивме преку центрите за социјална работа, преку Заводот за социјални дејности, од интервјуата со самите родители, со самите деца згрижени во дневните центри за деца во социјален ризик, деца на улица, укажуваат на тоа дека се уште причините за појавата на деца на улица не се сфаќаат сериозно“, вели Бајрамовска-Мустафа.
Таа вели дека сегашната состојба со децата на улица треба да се сфати како аларм за посериозен пристап на институциите кон решавањето на проблемот оти децата на улица многу лесно може да завршат како жртви на трговија со деца.
„Сите деца што питаат потекнуваат од семејства што живеат во супстандардни услови, без вода, без струја, и за многумина социјалната помош е единствен извор на приход, па од тука решение на проблемот би било вработување, образование и обезбедување постојан приход за родителите, кои би обезбедиле нормален развој на децата“, посочува Бајрамовска-Мустафа.
Видете и ова: Подобри услови за живот за намалување на питачењетоНајсоодветно решение, според институцијата Народен правобранител, е да може да се работи со овие деца и со родителите еднакво. Бајрамовска-Мустафа вели дека постои протокол за меѓусекторско работење, односно вклучување на сите институции за решавање на овој проблем: Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, граѓанските организации и локалните самоуправи.
Овие пораки беа испратени по повод 12 Април-Меѓународниот ден на децата на улица.