Русија испрати систем за противвоздушна одбрана и воени инструктори во Нигер

илустрација

Русија испрати систем за противвоздушна одбрана и 100 воени инстрктори во Нигер, во Западна Африка, јави ДПА.

Воениот персонал од руското Министерство за одбрана треба да го инсталира системот и да ги обучи војниците на Нигер за неговата употреба, јави нигериската државна телевизија РТН (RTN) доцна синоќа (11 април).

На овој потег му претходеше телефонски разговор меѓу шефот на воената хунта Абдурахамане Тчиани и рускиот претседател Владимир Путин, на крајот на март, додава германската агенција. Двајцата разговарале за „зајакнување на меѓусекторската и сеопфатна стратешка соработка меѓу Нигер и Русија за справување со актуелните закани, особено на безбедносното поле“.

До воениот удар минатиот јули, Нигер беше последниот демократски сојузник на Соединетите Држави, Франција и другите европски земји во борбата против исламистичките милиции во регионот Сахел, каде што џихадистите и натаму имаат големо влијание.

Видете и ова: Западноафриканските лидери подготвија план за воена интервенција во Нигер

Во март, хунтата ја прекина воената соработка со САД во борбата против тероризмот.

Германските вооружени сили управуваат со воздухопловна база во Ниамеј, чија иднина сè уште е нејасна.

Државната телевизија прикажа слики од руски авион „Иљушин-76“ како слетува на аеродромот во Ниамеј.

Како и соседните земји Мали и Буркина Фасо претходно,така и Нигер се оддалечува од западните партнери, особено од поранешната колонијална сила Франција и се врти кон Русија. Сите три земји беа управувани од војската по државните удари.