Израел „треба да направи повеќе“ за да им помогне на цивилите во Газа, порача Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) на 11 април наведувајќи оти е свесен за израелските ветувања дека ќе отвори повеќе влезни точки за да се овозможи испорака на хуманитарна помош.
Членовите на Советот за безбедност, како што се наведува во соопштението, „ја забележале најавата на Израел за отворање на граничниот премин Ерез и дозвола за користење на пристаништето Ашдод за испорака на помош во Газа“.
Најавата од Израел дојде минатата недела по телефонскиот разговор меѓу претседателот на САД Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во кој американскиот претседател побара „итна акција“ во врска со хуманитарната помош.
Видете и ова: Во израелски напад врз Газа загинаа тројца синови на лидерот на ХамасВо соопштението, Советот за безбедност ја повторува и својата „длабока загриженост за човечките жртви во конфликтот, катастрофалната хуманитарна ситуација и заканата од неизбежен глад во Газа“.
Војната во Газа избувна по прекуграничен напад на 7 октомври врз Израел од страна на Хамас, кој од САД и ЕУ е прогласен за терористичка организација. Во нападот загинаа околу 1.200 луѓе, а 253 од нив беа земени како заложници.
Израелските власти соопштија дека остануваат 130 заложници, вклучително и 31 заложник за кои се претпоставува дека се мртви.
Најмалку 30.534 луѓе, главно жени и деца, пак, се убиени во израелската офанзива на Газа, според Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас.