Кон крајот на годината ќе бидат пуштени во продажба мемоари што покојниот руски борец против корупцијата и опозициски лидер Алексеј Навални почнал да ги пишува пред четири години, објави неговиот издавач нарекувајќи ги неговото „последно писмо до светот“.
Навални (47) почина на 16 февруари во неразјаснети околности во затворот на Арктикот, каде што отслужуваше 19-годишна казна поради екстремизам и други обвиненија кои се сметаат за политички мотивирани.
Неговиот издавач, Алфред А. Нопф рече дека по враќањето во Русија во јануари 2021 кога веднаш беше уапсен на аеродром, Навални од затвор продолжил да работи на книгата. Мемоарите ќе бидат достапни за јавноста од 22 октомври.
Вдовицата на Навални, Јулија, во изјава објавена на платформата Икс (поранешен Твитер) наведе дека книгата ќе биде објавена на неколку јазици, вклучително и на руски.
„Воопшто не замислував дека Алексеј вака ќе ја напише својата биографија. Мислев дека ќе имаме околу 80 години, тој ќе седне на компјутер покрај отворениот прозорец и ќе пишува. А, јас ќе шетам наоколу и ќе мрморам дека внуците ќе пристигнат наскоро, а тој пишува глупости“, рече Навалнаја.
Видете и ова: Продолжен рокот за прелиминарна истрага за смртта на Навални„Споделувањето на неговата приказна не само што ќе биде во знак на негово сеќавање, туку и ќе ги инспирира другите да се залагаат за она што е правилно и никогаш да не ги губат од вид вредностите кои навистина се важни“, додаде таа.
Откако критичарот на Кремљ почина во еден од најозлогласените руски затвори на Артикот, Навалнаја сега живее надвор од Русија и ветува дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот покоен сопруг за „прекрасна Русија во иднината“.
Навалнаја и соработниците на нејзиниот сопруг, заедно со неколку западни влади, го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на опозицискиот лидер.
Кремљ негираше каква било улога или одговорност за смртта на Навални.