Откако беше издадено предупредување дека земјата треба да биде подготвена за војна, шведската влада на 11 април соопшти дека ќе одвои 385 милиони круни (36 милиони долари) за зајакнување на своите засолништа за бомби, службите за итни случаи и цивилната одбрана, објави АФП.
Министерот за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин рече дека Шведска, која се приклучи на НАТО минатиот месец, ќе ги искористи средствата за зајакнување на способноста на спасувачките служби да функционираат за време на конфликти, потоа за зајакнување на сајбер безбедноста и помош на здравствениот систем во складирањето лекови.
Парите исто така ќе бидат наменети за обнова на засолништа за бомби, снабдување со вода за пиење и транспортна инфраструктура.
„Безбедноста долго време се влошува“, им изјави Болин на новинарите.
Тој предизвика бура од реакции во јануари кога на прес-конференција изјави дека може да има војна во Шведска.
Набргу потоа командантот на шведските вооружени сили Микаел Бајден изјави дека Швеѓаните треба „ментално да се подготват за војна“.
Видете и ова: Шведска го подига нивото на опасност од тероризамШведска драстично ги намали трошоците за одбрана по крајот на Студената војна, но го промени курсот по руската анексија на Крим во 2014 година.
Во март 2022 година, по руската инвазија на Украина, Стокхолм објави дека ќе ги зголеми воените трошоци, со цел два отсто од бруто домашниот производ (БДП) да бидат издвоени за одбрана „што е можно поскоро“.
Кон крајот на минатата година, владата објави дека воените трошоци ќе ја надминат целта од два проценти во 2024 година.
Буџетот за цивилна одбрана на земјата за 2024 година е 6,5 милијарди круни (604 милиони долари), според новинската агенција ТТ, пренесува АФП.
Сепак, Шведската агенција за управување со вонредни состојби во октомври соопшти дека верува дека е потребен годишен буџет од 20 милијарди круни (1,8 милијарди долари) за да се задоволат потребите.