САД ветија „непоколеблива“ поддршка на Израел по заканите од Иран

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден вети „непоколеблива“ американска поддршка за Израел, по стравувањата дека Техеран може да се одмазди за нападот во кој загинаа двајца високи ирански генерали.

Бајден предупреди дека Иран се заканува дека ќе изврши „голем напад“, по нападот врз иранскиот конзулат во Сирија пред десет дена, за кој Техеран го обвини Израел.

„Ќе направиме сè што можеме за да ја заштитиме безбедноста на Израел“, рече Бајден.

Видете и ова: Иран со порака: Израелските амбасади „повеќе не се безбедни“

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во средата(10 април) изјави дека израелскиот напад врз Дамаск е еднаков на напад врз самиот Иран.

„Кога ја нападнаа областа на нашиот конзулат, како да ја напаѓаа нашата територија“, рече Али Хамнеи во телевизиско обраќање.

„Злобниот режим мора да биде казнет и ќе биде казнет“, предупреди тој.

Си-Би-Ес Њуз на 5 април објави дека американските разузнавачки агенции посочиле дека Техеран планира напад кој ќе вклучи беспилотни летала Шахед и крстаречки ракети.

„Ниту целта, ниту времето на можниот напад не се познати, но гаѓањето на израелската дипломатска зграда би било пропорционален одговор“, наведува извештајот на разузнавачите.

Бајден вети поддршка за Иран за време на прес-конференцијата во Белата куќа доцна во средата, каде што беше домаќин на јапонскиот премиер Фуим Кишида.

„Како што му кажав на премиерот Бенјамин Нетанјаху, нашата посветеност на безбедноста на Израел против овие закани од Иран и неговите застапници е непоколеблива - дозволете ми да го кажам тоа уште еднаш: непоколеблива“, порача Бајден.

Неодамна сириските и иранските медиуми објавија дека зградата на иранскиот конзулат во Дамаск е целосно уништена во израелски воздушен напад. Либански безбедносен извор изјави дека меѓу загинатите е и висок офицер на Иранската револуционерна гарда, Мохамад Реза Захеди, но и дека во нападот загинале неколку ирански дипломати.