В понеделник генерален штрајк на приватните специјализанти

Протест на здравствените работници во Скопје, 8 април 2024 година

Приватни специјализанти најавија генерален штрајк од понеделник. Во денешното соопштение наведуваат дека и покрај одржаниот протест на приватни специјализанти на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сè уште не биле исполнети нивните барања.

„На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. После остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања“, се посочува во соопштението.

Поради тоа, како што се посочува во соопштението, испратено во име на приватните специјализанти при универзитетите за медицински науки „Кирил и Методиј” и „Гоце Делчев“ - Штип, принудени се да го направат следниот чекор - пристапување кон генерален штрајк од 15 април. Се најавува тој да трае сè до исполнување на нивните барања.

Видете и ова: Протест на здравствените работници: Немаме време за немањето слух на властите

Пред неколку дена, здравствените работници во организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, поддржани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) протестираа за неселективно вработување, усогласување на платата согласно Законот за минимална плата и зголемување на коефициентите како додатоци на плата.

Медицинските работници потсетија и на загриженоста во фелата околу одлевањето на македонскиот медицинскиот кадар во странство.