Во израелски напад врз Газа загинаа тројца синови на лидерот на Хамас

Исмаил Ханије, водач на движењето Хамас (архива).

Во израелски воздушен напад во Појасот Газа на 10 април загинаа тројца синови на Исмаил Ханијe, лидерот на движењето Хамас - организација која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка.

Ханијe ја потврди нивната смрт во средата во интервју за сателитскиот канал Ал Џезира, велејќи дека неговите синови биле „маченици на патот кон ослободувањето на Ерусалим и џамијата Ал Акса“.

„Криминалниот непријател е воден од духот на одмазда и убиствa и не цени никакви стандарди или закони“, рече тој во телефонско интервју, пренесува АП.

Нема коментар од израелската армија.

Видете и ова: Бајден тврди дека Нетанјаху има погрешен пристап во Газа

Ханијe рече дека убиствата нема да го притиснат Хамас да ги омекне своите позиции.

„Непријателот верува дека со таргетирање на семејствата на лидерите ќе ги принуди да се откажат од барањата на нашиот народ. Секој што верува дека таргетирањето на моите синови ќе го принуди Хамас да ја промени својата позиција е во заблуда“, рече тој.

Телевизијата Ал Акса објави дека Хазем, Амир и Мохамед Ханије биле убиени во напад во близина на бегалскиот камп Шати во градот Газа.

Браќата патувале со членовите на семејството во возило кое било цел на израелско беспилотно летало, јави телевизијата Ал Акса, додавајќи дека загинале вкупно шест лица, меѓу кои и ќерката на Хазем Ханија и синот и ќерката на Амир.

Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас изврши напади во Израел на 7 октомври минатата година, кога, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе, а беа земени 253 заложници.

Оттогаш, најмалку 33.360 луѓе се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.