Нацрт-резолуцијата за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница ќе биде претставена на 17 април, на затворен состанок во Обединетите нации (ОН), пишува Гласот на Америка.
За конечната резолуција, на која се уште се работи и е предмет на промени, земјите членки на ОН би можеле да се изјаснат на седницата на Генералното собрание на ОН на почетокот на мај.
Злосторството во Сребреница беше прогласено за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Тоа се однесува на убиствата на повеќе од 8.000 Бошњаци, како што е утврдено со пресудите на меѓународните судови, во јули 1995 година, кога Армијата на Република Српска ја окупираше Сребреница.
Нацрт-резолуцијата, која претходно ја објави Радио Слободна Европа (РСЕ), повикува на безрезервна осуда на какво било негирање на геноцидот во Сребреница и ги повикува членките на ОН да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел да се спречи ревизионизмот, но и геноцид во иднина.
Видете и ова: Меморијалниот центар во Сребреница потпиша меморандум со Холандскиот институт за ветераниИсто така, ги осудува дејствијата кои ги величаат осудените за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и оние кои се одговорни за геноцидот во Сребреница.
Во нацрт-резолуцијата се нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница и нивно достоинствено погребување. Исто така се повикува и на продолжување на кривичното гонење на сторителите на геноцидот во Сребреница.
Предлогот за воведување на Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница се заснова на резолуцијата на Генералното собрание на ОН од 2004 година, со која се утврдува Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот врз Тутсите во Руанда.
Иницијатори на резолуцијата се Германија и Руанда, но како што неофицијално дознава Гласот на Америка, во креирањето на тексто ќе учествуваат Соединетите Американски Држави (САД), Албанија, Босна и Херцеговина, Чиле, Финска, Јордан, Нов Зеланд, Турција и други земи.
Официјален Белград со години се противи на усвојувањето на резолуции или декларации кои злосторството во Сребреница би го нарекле геноцид.
Видете и ова: Лекар во Босна криел коски од жртви во Сребреница во неговиот дворДосега повеќе од 50 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница.
Радован Караџиќ, првиот претседател на ентитетот на БиХ, Република Српска, беше правосилно осуден во Хаг на доживотна казна затвор за геноцидот во Сребреница, како и за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војната во другите делови на Босна и Херцеговина.
Поради геноцидот, во истиот суд на доживотен затвор е осуден и главниот командант на ВРС, Ратко Младиќ.
Покрај нив, осудени се и Љубиша Беара - поранешен шеф на обезбедувањето на Главниот штаб на ВРС, Здравко Толимир - поранешен помошник командант за разузнавачки и безбедносни работи на Главниот штаб на ВРС и Вујадин Поповиќ - началник на обезбедувањето на Дринскиот корпус на ВРС.