Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи во техничкиот мандат, Ивица Дачиќ, ја повика Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да го зачува својот статусно неутрален пристап на Косово.
Тој ова го изјави по средбата со претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг.
Како што јави Радио-телевизија на Србија (РТС), Дачиќ нагласи дека поминале 11 години откако го потпишал Бриселскиот договор како дел од дијалогот меѓу Србија и Косово и дека Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО), која е договорено во тоа време, не е формирана „поради одбивање на приштинските власти“.
Видете и ова: ЕП ја поддржа визната либерализација за пасошите на Координативната управа на Србија на КосовоТој рече и дека „поради отсуството на притисок од меѓународната заедница врз Приштина, локалните власти не чувствуваат обврска да ги исполнат меѓународните обврски“.
Јан Борг ја истакна посветеноста на ОБСЕ да го задржи ангажманот во регионот и да ја зајакне соработката што ја има со Србија, особено во критичен момент за регионот на ОБСЕ и за светот.
„Нашата дискусија опфати многу важни прашања на кои ОБСЕ и Србија работат заедно, вклучително и напорите за подобрување на спроведувањето на обврските во критичните области како што се владеењето на правото, човековите права, демократизацијата и слободата на медиумите“, рече Борг.
Тој додаде дека демократизацијата, безбедносната соработка, медиумите, владеењето на правото и човековите права, вклучително и правата на националните малцинства, се областите кои остануваат главни приоритети за ангажманот на ОБСЕ во Србија.
Дачиќ изјави дека Србија го смета ОБСЕ за најважна безбедносна платформа и дека е подготвена да придонесе за дијалогот во услови на криза во светот.