Американскиот претседател Џозеф Бајден ја критикуваше воената стратегија на Израел во Газа, оценувајќи дека пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „погрешен“.
„Мислам дека тоа што го прави е погрешно. Не се согласувам со неговиот пристап“, рече американскиот претседател во интервју за телевизијата „Univision“ што се емитуваше во вторникот вечерта.
Бајден апелираше Израелците да повикаат на прекин на огнот „за да се овозможи целосен пристап до храна и лекови во следните шест или осум недели“.
Мрежата на шпански јазик „Univision“ го интервјуираше Бајден на 3 април, два дена откако во израелски напад беа убиени седум членови на персоналот на хуманитарната група „World Central Kitchen“ во Газа.
Видете и ова: Иранскиот лидер ги повтори своите закани кон Израел, обвинувајќи го за нападот во СиријаБајден изјави дека нема оправдување за необезбедување храна и медицинска помош за жителите на Газа.
„Разговарав со сите, од Саудијците до Јорданците и Египќаните. Тие се подготвени да влезат и да донесат храна“, рече тој.
Белата куќа минатата недела соопшти дека Бајден изразил слични ставови кога разговарал со Нетанјаху во телефонски разговор, нарекувајќи ја хуманитарната ситуација во Газа „неприфатлива“.
Шест месеци по почетокот на војната предизвикана од нападот врз Израел од страна на движењето Хамас - организација која САД и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка, израелските воени операции во Појасот Газа продолжуваат.
Во Каиро се очекува продолжување на разговорите за примирје и ослободување на заложниците, откако неколкунеделните разговори не доведоа до договор за прекин на огнот.
Видете и ова: Турција го ограничува извозот во Израел додека не дојде до прекин на огнот во ГазаПоловина година откако нападот предводен од Хамас предизвика нова војна на Блискиот Исток, израелската влада се соочува со се поостра меѓународна реакција на нејзината воена кампања врз опустошената палестинска територија, како и со масовни протести дома.
Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас изврши напади во Израел на 7 октомври минатата година, кога според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе, а беа земени 253 заложници.
Оттогаш, најмалку 33.360 луѓе се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.