Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека го започнало увидот на објектот на Универзалната сала во Скопје каде вчера избувна пожар, откако локацијата била обезбедена и биле создадени неопходни услови за увид.
„Локацијата ќе биде детално прегледана за да се обезбедат сите докази неопходни за утврдување на причините за настанување на пожарот. Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикан од човечки фактор или се работи за несреќен случај“, велат од Обвинителството.
Во Универзалната сала во Скопје, која е во процес на реновирање, вчера избувна пожар. Гореше една од куполите на објектот, по што пожарникарите ја изгаснаа.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот, а дека тоа дополнително ќе го утврди полициската екипа.
Видете и ова: МВР приведе тројца за пожарот во Универзална сала
Тројца работници кои изведувале работни задачи вчера беа приведени во врска со пожарот, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Бидејќи се уште трае фазата на прибирање докази, односно до овој момент не е утврдено дека пожарот настанал како последица на човечки фактор, вчера во полициска станица беа земени изјави од три задржани лица, по што тие беа пуштени со оглед на тоа што во оваа фаза нема основ за нивно натамошно задржување“, се вели во денешното соопштение на Јавното обвинителство.
Во пожарот нема жртви, а направена е само материјална штета, како што изјави министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска додавајќи дека треба да се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со градбата.
По пожарот, во текот на вчершниот ден и Државниот инспекторат за труд изврши контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на објектот и изготви записник.
Видете и ова: Град Скопје: Итно да се истражат причините за пожарот, виновниците да одговараатУниверзална сала почна да се реновира пред еден месец.
Министерството за култура неодамна со Договор ги презема од Град Скопје правата за реконструкција и адаптација на Универзалната сала.
На 19 ти февруари Министерството за култура склучило договор со градежната компанија Универзал - Балкан за реконструкција на фасада и кровен покривач на објектот „Универзална сала“ - Скопје во вредност од 1,9 милиони евра.
Реконструкцијата започна годинава по двегодишна пауза, бидејќи градоначалничката на Скопје Данела Арсовска под чија надлежност е оваа институција, одбиваше да ја спроведе, затоа што како што изјави, проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден.
Универзална сала почна да се реконструира во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Градежните работи за првата фаза, надворешноста, почнаа во септември 2021 непосредно пред локалните избори. Се работеше нецел месец, по што со доаѓањето на функција на Арсовска работите беа стопирани.