Турција ќе го ограничи извозот на широк спектар на производи во Израел, вклучително и челик и авионско гориво, се додека не се прогласи прекин на огнот во Газа, соопшти турското Министерство за трговија на 9 април, што е прв голем потег на Анкара против Израел по шест месеци војна.
Турција го осудува Израел за кампањата во Газа, која беше започната по крвавиот упад во Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври. Анкара повика на итен прекин на огнот, ги поддржа чекорите за судење на Израел за геноцид и испрати илјадници тони помош за жителите на Газа.
Сепак, Анкара одржува комерцијални врски со Израел и покрај силната реторика, што предизвика бурни реакции кај домашната јавност.
Во соопштението објавено по најавата на Анкара дека ќе преземе акција откако Израел го одби барањето на Турција да учествува во пуштањето помош од воздух, Министерството рече дека ограничувањата ќе стапат на сила на 9 април.
Се вели дека мерките ќе се применуваат за извоз на производи од 54 различни категории, вклучувајќи железо, мермер, челик, цемент, алуминиум, тули, ѓубрива, градежна опрема и производи, воздухопловно гориво и друго.
Видете и ова: Војната во Појасот Газа влезе во седмиот месец„Оваа одлука ќе остане во сила додека Израел, во согласност со неговите обврски кои произлегуваат од меѓународното право, итно не прогласи прекин на огнот во Газа и не дозволи непречен проток на доволни (количини) хуманитарна помош во појасот Газа“, се вели во соопштението.
Набргу по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, Турција и Израел ги повлекоа своите амбасадори. Потегот од вторник е првата значајна мерка што Анкара ја презеде против Израел од почетокот на конфликтот. Претседателот Реџеп Таип Ердоган се соочува со зголемени критики поради трговските врски на неговата влада со Израел.
Во саботата, полицијата уапси десетици демонстранти во Истанбул кои бараа прекин на трговијата со Израел. Властите суспендираа двајца полицајци вклучени во инцидентот, додека владата работи на обнова на поддршката на народот по убедливата победа на опозицијата на локалните избори на 31 март.
Ставот на Ердоган за Израел и конфликтот во Газа е еден од клучните фактори за губење на поддршката на неговата партија на изборите.
Според податоците објавени од Собранието на турските извозници (ТИМ), додека трговијата со Израел е намалена од 7 октомври, извозот во Израел расте секој месец во 2024 година досега и изнесува 423,2 милиони долари во март.
Вкупниот извоз во првиот квартал од годинава изнесува 1,1 милијарди долари, што е пад од 21,6 отсто во однос на претходната година, покажуваат податоците на ТИМ.