Тројца работници кои изведувале работни задачи се приведени во врска со пожарот што утринава се случи во Универзалната сала во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од полицијата велат дека пожарот е пријавен во СВР Скопје во 09.45 часот во СВР Скопје. По добиената пријава, на терен се упатиле полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгасија пожарот.
„Со возило на Итна медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад. Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. „Петар Поп Арсов“ во лифтовите на зградите имаше заглавени две жени, кои беа извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција“, се вели во соопштението од МВР.
Видете и ова: Ставен под контрола пожарот во Универзална салаГрадоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска го повика МВР итно да ги истражи причините за пожарот.
„Министертвото за внатрешни работи итно да ги истражи причините и доколку се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, за која укажувавме пред две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност“, напиша Арсовска на Фејсбук.
Причината за пожарот во салата, која почна да се реновира пред еден месец, засега не е позната.