Ситуацијата со поплавите во Русија сè уште е тешка, а министерот за вонредни ситуации Александар Куренков денеска пристигна во областа Оренбург, каде што е најлошо и каде се поплавени повеќе од 10 000 куќи.
Илјадници жители се евакуирани во јужниот дел на Русија и северниот дел на Казахстан бидејќи топењето на снегот и пукањето на браната продолжуваат да го зголемуваат нивото на водата.
Нивото на водата во Оренбург во изминатите 24 часа порасна за 25 сантиметри, а во градот беа поплавени околу 2000 куќи. Градоначалникот на Орск, Василиј Кожупица изјави дека во тој град се поплавени 6929 згради, а евакуирани се 2493 лица.
Нивото на водата во некои делови од Курганската област, која исто така е зафатена од поплави, од вчера(8 април) порасна за 157 сантиметри, а властите најавија дека врвот на поплавниот бран ќе биде утре.
Според руското Министерство за вонредни состојби, на тоа подрачје се поплавени 10327 станбени објекти и 12821 приватна парцела.
Регионите на јужниот дел на Урал годинава се соочија со невидени поплави, а вонредна состојба беше воведена во регионите Оренбург, Курган и Тјумен.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера нареди формирање на специјална владина комисија за справување со проблемите предизвикани од поплавите.
Руската метеоролошка агенција соопшти дека очекува поплавите во Оренбург и околните области утре (10 април) да го достигнат врвот.