Како одговор на Радио Слободна Европа, американскиот Стејт департмент изјави дека САД се разочарани од јавните повици до косовските Срби да го бојкотираат пописот.
„Ги охрабруваме сите граѓани на Косово целосно да учествуваат во пописот. Пописот овозможува правична распределба на државните ресурси на сите граѓани. Ја препознаваме одговорноста и авторитетот на Владата на Косово да го спроведе пописот на населението“, наведе портпаролот на Стејт департментот за РСЕ.
Пописот на населението во Косово започна на 5 април и ќе трае до 17 мај.
Сепак, Српска листа објави дека припадниците на српската заедница нема да учествуваат на овој попис поради „репресијата“ на режимот на премиерот на Косово, Албин Курти.
Оваа најголема партија на Србите во Косово, која ја има поддршката од Белград, како форма на „репресија“ меѓу другото го наведе и указот на Централната банка на Косово, кој го отежнува плаќањето на приходите во динари кои се исплаќаат од буџетот на Србија. Оваа регулатива стапи на сила на 1 февруари и предвидува единствено платежно средство да биде еврото.
Други политички претставници на Србите во Косово изјавија дека во моментов нема услови за попис на населението, но некои посочија и на одредени последици доколку се бојкотира процесот.
Пописот на малцинските заедници игра важна улога во распределбата на буџетот за општините каде што живеат.
Оние кои ќе решат да не се попишуваат може да се соочат со казни предвидени со закон: од 30 до 2.000 евра. Казните за бизнисмените се уште повисоки и до 20.000 евра.