Три лица попладнето на 7 април се приведени за време на фудбалски натпревар на стадионот Средно Коњари. Меѓу приведените, како што објавија повеќе медиуми е и новинарот Фуркан Салиу, за што реагираа од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) излегоа со соопштение во кое наведуваат дека околу 17 часот на натпревар помеѓу фудбалските клуба „Коњаре" и „Куманово“ на дваесетина минути пред крајот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи што било спречено од службите кои го обезбедувале мечот и натпреварот бил прекинат.
„За време на интервенцијата, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) и Н.Ј. (26), додека С.Б. (40) е приведен за учество во тепачка“, велат од МВР наведувајќи дека сите тројца се од селото Арачиново.
Видете и ова: „Свето тројство“ пред избори- нетранспарентна Влада, напади и притисоци врз новинариДополнително од полицијата наведуваат дека околу 18 часот при преглед на возило чиј сопственик е Ф.С., а кое било управувано од лице со иницијали Ф.А. од селото Кондово и во кое имало уште еден сопатник од Кондово, во багажникот бил пронајден пиштол.
„СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот“, велат од МВР.
За настанот преку социјалните мрежи се обрати и техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ кој ги повтори информациите од полициското соопштение и посочи дека ја разбира загриженоста на ЗНМ и ССНМ, но оти „МВР мора да постапува еднакво кон секој што ќе нападне полициски службеник".
„Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво. Во тој контекст ги повикувам политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот“, вели Тошковски.
Од ЗНМ и ССНМ претходно побараа Салиу да биде пуштен на слобода, а МВР да ја информира јавноста за причините за приведувањето.
„ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања“, велат новинарските здруженија во заедничкото соопштение.
За приведувањето на Салиу се огласија и од онлајн медиумот каде тој е еден од основачите, „Портали Икс“, наведувајќи дека на ова гледаат како на акт кој е „целосно диригиран и обид за притисок врз слободното новинарство“.
Реагираа и дел од политичките партии. СДСМ одржа вонредна прес-конференција вечерва пред полициската станица во Гази Баба во Скопје на која ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ, чиј кадар раководи со МВР дека се обидува да замолчи новинари.
„На сите им е јасно дека ова е обид за замолчување и заплашување, откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. На чело на СВР Скопје и ЕБР се новопоставени началници од страна на Тошковски. Значи началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ дале наредба за апсење на новинарот Салиу. Ова е загрозување на слободата, на демократијата, на слободата на говор, загарантирана со Устав“, рече пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со соопштение во кое побараа целосно да се расчисти настанот.
„Ја браниме и во целост ја почитуваме новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки. Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме каков било напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата побараа и да се почитуваат сите права и слободи на приведениот како новинар.