Киев: Тројца цивили загинаа во нов руски напад во југоисточна Украина

Спасувачи носат жена повредена во руски ракетен напад во Запорожје, 5 април 2024 г.

Тројца цивили се убиени во неделата (7 април) наутро во руски напад врз градот Хулјајполе на фронтот во југоисточниот регион Запорожје во Украина, соопштија локалните власти, додека Русија продолжува да цели на украинските градови и села со воздушни и артилериски напади.

Генералштабот на украинската армија соопшти дека Русија истрелала 17 беспилотни летала Шахед и 10 проектили и извршила 88 воздушни напади во текот на ноќта, додавајќи дека украинските одбранбени сили ги уништиле сите 17 дронови лансирани од Русија, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Според украинската армија, беспилотните летала биле соборени во регионите Дњепропетровск, Харкив и Полтава.

Видете и ова: Зеленски: Потребни се повеќе војници и опрема за да се запре руската офанзива

Повеќе од 100 села, според Генералштабот, биле под руски артилериски оган Чернихив, Доњецк, Дњепропетровск, Харкив, Херсон, Луганск, Миколаев и Запорожје.

Војската, исто така, соопшти дека во текот на изминатиот ден имало 57 борбени судири меѓу украинските трупи и руските сили.

Украина одби 26 руски напади во источните региони Доњецк и Луганск, а исто така започна напади врз руските позиции во 14 области, предизвикувајќи „загуби во персонал и опрема“, се вели во соопштението.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата на фронтот е „тешка, но стабилизирана“ и дека повеќето судири во конфликтот се одвива на истокот на Украина.