Зеленски: Потребни се повеќе војници и опрема за да се запре руската офанзива

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, 5 април 2024 г.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина треба да подготви „значаен персонал“, вклучително и резервни сили, за да ги запре најновите офанзивни операции на Русија.

Ситуацијата на фронтот во моментов е „тешка, но стабилизирана“, рече Зеленски, говорејќи во интервјуто емитувано на украинската телевизија на 6 април.

„Но, Украина мора да подготви значителен број (воен) персонал за да ги спречи акциите на Русија“, додаде тој.

Видете и ова: Најмалку шест лица загинаа во напад со дронови врз Харкив

Бригадите што ќе ги заменат оние што сега се борат „мора да бидат подготвени“, рече Зеленски, додавајќи дека тоа значи оти мора да се подготви голема количина резервни сили.

„Резервата е составена не само од млади мажи и жени, туку и од искусни луѓе кои поминале борбена обука и имаат борбено искуство“, рече Зеленски.

„Големи непријателства се одвиваат во источна Украина во различни области, не само во градот Авдиивка во регионот Доњецк, од кој украинските сили се повлекоа пред два месеци“, рече тој.

„И каде и да одат руските сили, тие се потиснуваат назад, додека украинската армија исто така напредува и прави чекори напред“, додаде украинскиот претседател.

Тој рече дека ситуацијата е стабилизирана, повикувајќи се на воени извори со кои рече дека е „во секојдневен контакт“.

Според проценката на Генералштабот на украинската армија објавена рано утрото на 6 април, ден претходно на фронтот имало 80 борбени судири, а украинските војници ги одбиле руските напади во шест области.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руските затвори се празнат, осудениците и чуварите одат на фронтот во Украина

Интервјуто на Зеленски беше емитувано неколку часа откако руски беспилотни летала го нападнаа Харкив, при што загинаа најмалку седум лица, а беа повредени 10, соопштија официјални лица. Вториот по големина град во Украина доживеа серија сè почести напади.

Аналитичарите од Американскиот институт за проучување на војната (ISW) на 4 април сугерираа дека руските сили можеби го зголемуваат целокупното темпо на нивните офанзивни операции.

ISW забележа дека интензивирањето на руските механизирани офанзивни операции генерално се совпаѓа со интензивирањето на ударите против украинските енергетски капацитети.

Зеленски, исто така, го повтори апелот на Украина за испорака на системот за противвоздушна одбрана Патриот, предупредувајќи дека Украина може да остане без проектили што се користат за одбрана од руски воздушни напади врз енергетскиот систем, населените места и градовите.

„Ако продолжат да ја удираат (Украина) секој ден како што тоа го правеа последниот месец, би можеле да останеме без проектили и партнерите го знаат тоа“, рече Зеленски.

„Украина во моментов има доволно резерви за противвоздушна одбрана со кои може да се справи, но веќе мора да донесе тешки одлуки за тоа каде да ги користи и што да заштити“, додаде тој.

Во последниве недели, Украина конкретно ја истакна потребата од системи за противвоздушна одбрана Патриот. Софистицираниот систем од американско производство се користеше за заштита од руски балистички и хиперсонични ракетни напади.

Видете и ова: Каков облик ќе добие долго одложуваната американска помош за Украина?

Украинскиот претседател рече дека неговата земја ќе се согласи на пакетот помош од САД во форма на заем.

„Ќе ги прифатиме сите опции“, рече тој, додавајќи дека е клучно помошта да пристигне „колку побрзо, толку подобро“.

Предлог-законот за дополнително трошење со кој се издвојуваат околу 60 милијарди долари помош за Украина е во застој во Претставничкиот дом на САД, каде што републиканците имаат тенко мнозинство, вклучително и некои членови кои сакаат Конгресот да ѝ даде приоритет на безбедноста на американските граници пред меѓународната воена помош.