Спречен обид за предвремено решавање на членството на Косово во СЕ, тврди Вучиќ

„Ни претстојат тешки денови во однос на одлуките за членството на Приштина во Советот на Европа“, рече Вучиќ на 6 април.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во петокот на 5 април „некои се обиделе да завршат сè пред одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ) за членство на Косово“.

Вучиќ рече дека „тоа е спречено благодарение на интервенцијата на две земји“.

„Тие се обидоа вчера пред одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа да завршат сè, и благодарение на интервенцијата на две земји, тоа не се случи“, изјави Вучиќ за новинарите на 6 април во седиштето на Српската напредна партија (СНС) каде владејачката коалиција собира потписи за изборите во Белград.

Вучиќ не прецизираше за каков обид се работи или за кои земји станува збор.

Видете и ова: ЕУ без коментар за повикот на Вучиќ да се спречи членството на Косово во Советот на Европа

Тој додаде дека на 7 април ќе отпатува за Париз, каде ќе има важни средби и состанок со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Ни претстојат тешки денови во однос на одлуките поврзани со членството на Приштина во Советот на Европа, во Обединетите нации, жестоки притисоци од регионот, Европа и светот по ова прашање, но земјата мора да се развива“, рече Вучиќ.

Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе гласа за прием на Косово на 16 април, а конечната одлука се очекува на состанокот на Комитетот на министри на 16 мај.

На 5 април, по налог на Вучиќ, Србија формираше Работна група за координирање на активностите на државните органи кои работат на планот за „спречување на прием на Косово во Советот на Европа“.

Вучиќ на 4 април ја повика Владата на сите да им испрати нон-пејпер во кој ќе биде претставен ставот на Србија за ова прашање.

„Нашите шанси се минимални“, рече тој, додавајќи дека тоа не значи дека не треба да се борат.

Косово аплицираше за членство во таа меѓународна организација во мај 2022 година и направи чекор напред кон членство кога на 27 март Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојанис, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа.

Советот на Европа, како водечка организација во Европа во областа на човековите права, има 46 земји-членки.