Продолжуваат преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа

Урнатини во близина на Кан Јунис по израелското бомбардирање на југот на Појасот Газа, 14 март 2024 г.

Американските и израелските преговарачи во Каиро викендов се очекува повторно да се обидат да постигнат договор за прекин на огнот и заложниците во војната во Појасот Газа, кој во недела ќе одбележи половина година.

Новиот обид за примирје доаѓа по реткото признавање на грешката од Израел во војната со Хамас, кој САД и Европската унија го прогласија за терористичка организација. Израелската армија објави дека отпушта двајца офицери поради убиството на седумте хуманитарни работници, главно од Западот.

Признанието на Израел, сепак, не ги замолкна повиците за независна истрага.

Видете и ова: Бајден до Нетанјаху: Нападите врз хуманитарците во Газа се неприфатливи

Убиството на 1 април на работник во Светската централна кујна со седиште во САД доведе до тензичен телефонски разговор меѓу американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Бајден повика на „итен прекин на огнот“ и за првпат навести дека американската поддршка за Израел ќе биде условена со намалување на убиствата на цивили и подобрување на хуманитарните услови.

Најкрвавата војна во Појасот Газа започна на 7 октомври со нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел во кој, според израелските податоци, биле убиени околу 1.200 луѓе, а биле земени 250 заложници, од кои околу 130 останале во Газа, меѓу кои 34 за кои војствата тврди дека се мртви.

Во последователната израелска офанзива, со прокламирана цел да го уништи Хамас, загинаа 33.137 луѓе, соопшти во саботата Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас.

Стравувањата дека војната би можела да се прошири се интензивираа откако Иран вети дека ќе се одмазди за убиството на седумтемина припадници на Револуционерна гарда во воздушниот напад врз конзуларниот оддел на неговата амбасада во Дамаск во понеделникот.

Во пресрет разговорите за време на викендот, Бајден им пиша на лидерите на Египет и Катар барајќи од нив да обезбедат обврска од Хамас да го „прифатат и почитуваат договорот“, изјави висок претставник на американската администрација за АФП.

Преговорите за прекин на огнот, кои се водеа и прекинаа неколку пати, не донесоа напредок откако еднонеделното примирје во ноември доведе до размена на некои заложници за палестински затвореници во Израел.

Белата куќа потврди дека разговорите ќе се одржат викендов во Каиро, но одбија да ги коментираат извештаите на американските медиуми дека на состанокот ќе присуствуваат директорот на ЦИА Бил Барнс заедно со шефот на Мосад, Дејвид Барни, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел.

Видете и ова: Нетанјаху: Хуманитарци загинаа во ненамерен израелски напад во Газа

За време на разговорот на Бајден со Нетанјаху, се зборуваше за „овластување на неговите преговарачи“ да постигнат договор, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

За неуспехот да се постигне договор, САД го обвинуваат одбивањето на Хамас да ослободи болни и други ранливи заложници.

Бајден е под притисок поради американска воена помош од милијарди долари за Израел, која Вашингтон не успеа да ја искористи за да го услови Израел и покрај критиките за неговата војна во Појасот Газа.

Неколку часа по разговорот меѓу Бајден и Нетанјаху, Израел објави дека ќе дозволи „привремена“ испорака на помош преку израелското пристаниште Ашдод и граничниот премин Ерез.

Пронајдено телото на заложник

Израелската армија во саботата објави дека продолжуваат борбите во областа Ал-Амал Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.

Армијата соопшти дека нејзините командоси пронашле тело на заложник држен во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, три месеци откако тој молел да биде ослободен на видеото објавено од палестинскиот исламски џихад, групата што го држела во заробеништво.

Видете и ова: Нетанјаху под зголемен притисок од странство и дома

Елад Кацир, 47-годишен фармер од Кибуц Нир Оз, беше меѓу 253-те луѓе кои беа одвлечени во Газа за време на офанзивата предводена од Хамас.

Кацир е убиен од Исламски џихад, соопшти израелската војска, повикувајќи се на неодредени разузнавачки информации.

Таткото на Кацир, Аврахам, беше меѓу околу 1.200 лица убиени во Израел на 7 октомври, додека неговата мајка, Хана, исто така беше земена како заложник, но беше ослободена во ноември за време на прекинот на огнот.