Во сабота (6 април) во Словачка се одржува вториот круг од претседателските избори, од чиј резултат ќе зависи дали оваа централноевропска членка на Европската унија и НАТО ќе се придвижува и понатаму кон Русија во услови на длабоки поделби за војната во Украина.
Иван Корчок, 60-годишен прозападен поранешен министер за надворешни работи и Петер Пелегрини (48), кој е сомничав за војната во Украина и поддржан од владејачките популисти, се борат да ја заменат либералната претседателка во заминување Зузана Чапутова.
Вториот круг се одржува откако ниту еден од нив не ги освои потребните 50 отсто од гласовите во првиот круг минатиот месец.
Видете и ова: Втор круг претседателски избори во СловачкаИако позицијата е главно церемонијална, словачкиот претседател ги ратификува меѓународните договори, назначува врвни судии, е врховен командант на вооружените сили и може да стави вето на законите што ги донесува парламентот.
Руската инвазија на Украина го зазеде централното место во изборната кампања во земјата со 5,4 милиони жители, откако премиерот Роберт Фицо го доведе во прашање суверенитетот на Украина и повика на мир со Русија.
Последната предизборна анкета на агенцијата „Фокус“ предвидува неизвесна трка според која Пелегрини би добил 51 отсто од гласовите, а Корчок 49 отсто.
„Ова е најнеизвесната претседателска трка досега“, рече Вацлав Хрич, генерален директор на агенцијата за испитување на јавното мислење АКО.
Стефан Харабин, кој го зазеде третото место откако ја критикуваше Европската унија и го пофали рускиот претседател Владимир Путин, формално не поддржа ниту еден кандидат.
„Тоа се важни 12 проценти што ги доби Харабин“, изјави за АФП политичкиот аналитичар Томаш Козиак, додавајќи дека Корчок најверојатно нема да ги освои тие гласови.
Според АКО, повеќе од две третини од гласачите на Харабин имаат намера да го поддржат Пелегрини.
Сепак, Хрич смета дека излезноста ќе биде одлучувачка.
„Колку повеќе луѓе гласаат, толку повеќе шанси ќе има Питер Пелегрини, бидејќи тоа би значело дека успеал да ги убеди гласачите на Харабин“, рече тој.
Видете и ова: Новата словачка влада го отфрли пакетот воена помош за УкраинаПелегрини беше министер во претходните влади на Фицо и беше на чело на владата од 2018 до 2020 година кога беше соборен неговиот долгогодишен сојузник.
„Се кандидирам за претседател за да ја спасам владата на Роберто Фицо“, рече Пелегрини во телевизиска дебата.
Корчок возврати: „Вие сакате да ја заштитите владата. Јас сакам да ја заштитам Словачка“.
Владата на Фицо, која ја презеде функцијата во октомври, ја вклучува неговата партија Смер, Гласот на Пелегрини и малата екстремно десничарска СНС и ја прекина воената помош за Украина.
„Корчок е воин, кој без двоумење ќе поддржи сè што ќе му каже Западот, вклучително и вовлекување на Словачка во војна“, рече Фицо во видеопораката.
Тој ја изрази својата поддршка за Пелегрини, нарекувајќи го „умерен кандидат кој ја препознава вредноста на мирот“.
Пелегрини рече дека „словачката политичка сцена е поделена меѓу оние кои се за продолжување на војната по секоја цена и оние кои бараат почеток на мировни преговори“.
„Јас припаѓам на второто“, изјави тој за АФП.
Корчок, гласен критичар на владата, кој е поддржан од опозицијата, зазеде цврст проукраински став.
„Руската Федерација го прекрши меѓународното право. Мислам дека Украина не треба да отстапи дел од својата територија за да постигне мир“, изјави тој за АФП.
Првичните резултати од денешното гласање се очекуваат околу полноќ.