Најмалку шест лица загинаа, а 10 се ранети во напад со руско беспилотно летало врз Харкив во текот на ноќта, соопштија украинските власти, по последниот во серијата се почести руски напади врз вториот по големина град во Украина.
Нападот, кој се случи околу полноќ по локално време, дополнително ги поттикна шпекулациите дека руските команданти можеби се подготвуваат за офанзива во наредните месеци во обид да го заземат градот, наведува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Два дена претходно, во напад на руско беспилотно летало загинаа четири лица, вклучително и тројца работници за итна помош кои беа погодени додека реагираа на претходниот напад.
Видете и ова: Украинските сили под руски притисок во регионот на ДоњецкДржавната служба за вонредни ситуации на Украина во објава на Телеграм наведе дека „шест лица загинаа, а најмалку 10 се повредени како резултат на непријателскиот напад“.
Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, изјави дека беспилотни летала од иранско производство погодиле најмалку девет високи згради, три студентски домови и една бензинска пумпа.
Фотографиите објавени од украинската полиција на Телеграм покажуваат неколку пожари во цивилни области, вклучително и во близина на висока зграда.
Украинската војска соопшти дека нејзината воздушна одбрана уништила 28 од 32 беспилотни летала и три од шест проектили лансирани од Русија.
Шефот на кабинетот на претседателот Владимир Зеленски, Андриј Јермак, изјави за порталот Политико дека го гледа Харкив како најверојатна цел на нова руска офанзива во мај или јуни.
Во петокот, најмалку четири лица загинаа, а 20 беа ранети откако Русија истрела пет проектили врз градот Запорожје на југот на земјата.
Меѓу ранетите во градот, кој се наоѓа во близина на линијата на фронтот во војната со руските сили, имало и двајца новинари кои известувале за последиците од нападот.