Укината одлуката за екстрадиција на „кралот на криптовалутите“ од Црна Гора во Јужна Кореја

Јужнокорејскиот државјанин До Квон го напушта затворот во Подгорица по отслужување на четиримесечната казна на која беше осуден во Црна Гора за користење фалсификуван пасош, 23 март 2024 г.

Врховниот суд на Црна Гора ја укина одлуката за екстрадиција на До Квон во Јужна Кореја и предметот го врати на нова одлука до Вишиот суд во Подгорица.

Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави (САД) бараат негова екстрадиција од Црна Гора поради крипто измама вредна околу 40 милијарди долари.

Тој беше уапсен на 23 март 2023 година на аеродромот во Подгорица кога со фалсификуван пасош се обидувал да лета за Дубаи, поради што е осуден на четири месеци затвор. По отслужувањето на казната, тој е испратен во прифатилиште за странци во близина на Подгорица, каде што го чека решението за екстрадиција.

Одлуката за екстрадиција на јужнокорејскиот државјанин До Квон во Јужна Кореја, а не во САД, Вишиот суд ја донесе на 20 март годинава по скратена постапка, а потоа ја потврди и Апелациониот суд.

Таа пресуда беше правосилна.

Видете и ова: Црна Гора го потврди идентитетот – Уапсен јужнокорејскиот крал на криптовалути

На тоа на 21 март реагираше и Врховното државно обвинителство кое побара од Врховниот суд да ја заштити законитоста во случајот До Квон.

Денешната одлука е токму признавање на тоа барање.

Сега Вишиот суд треба да утврди дали се исполнети законските услови за екстрадиција на До Квон во однос на барањата и на Јужна Кореја и на САД, по што надлежниот министер, а не судот, одлучува за екстрадицијата.

Обвинителството сметало дека претходната одлука за негова екстрадиција во Јужна Кореја го прекршила законот бидејќи таа екстрадиција била одлучена во „скратена“ постапка која се применува само во случаи кога било поднесено единствено барање за екстрадиција.

Кога има повеќе барања, се применува редовната постапка, во која последниот збор го има министерот за правда.

Министерството за правда ја поздрави одлуката на Врховниот суд, посочувајќи дека тој суд како највисока судска инстанца во државата потврдил дека не е дозволена скратена постапка кога повеќе држави бараат едно лице.

„Министерот за правда е единствениот кој врз основа на законското право одлучува дали и во која земја лицето ќе биде екстрадирано“, се наведува во соопштението.

Судовите во Црна Гора досега донесоа различни одлуки за барањата за екстрадиција на До Квон.

Првото правно толкување беше дека за тоа ќе одлучува министерот за правда Андреј Миловиќ, кој рече дека До Квон ќе биде екстрадиран во САД бидејќи првото барање за екстрадиција дошло од таа земја.

Црногорскиот закон предвидува приоритет да има земјата која прва ќе го поднесе барањето за екстрадиција.

Тогаш од Вишиот суд беше соопштено дека министерот не може да донесе одлука бидејќи не се работи за редовна туку за „скратена постапка“ на екстрадиција, во која одлуката ја носи судот.

Во понатамошната постапка, судовите различно ги толкуваа пристигнатите барања за екстрадиција.

Видете и ова: Јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ ќе оди во домашен притвор во Подгорица со кауција

Амбасадата на САД на 25 март минатата година достави нота до Министерството за правда со барање за привремен притвор заради екстрадиција на До Квон.

Еден ден подоцна, Јужна Кореја поднесе барање за екстрадиција.

И додека во првата одлука, од 20 февруари годинава, Вишиот суд ја третира нотата на Амбасадата како барање и одлучи да се екстрадира во САД, Апелацискиот суд го доведе тоа во прашање и на 5 март ја поништи таа одлука.

Во втората одлука на 7 март, Вишиот суд пресуди дека Јужна Кореја има приоритет за неговата екстрадиција.

Адвокатот на Квон, Горан Родиќ, тогаш изјави дека е задоволен од одлуката на Судот.

Сите одлуки беа донесени од истиот тричлен совет од судии од Вишиот суд.

Јужнокорејските власти го обвинија До Квон за измама и кршење на законите за пазарот на капитал.

Тој е обвинет и од американската Комисија за хартии од вредност за организирање измама со крипто средства од повеќе милијарди долари.

Судењето пред судот во Менхетен (Њујорк) по жалбата на Американската комисија започна на 25 март во отсуство на обвинетиот До Квон.