Украинските сили под руски притисок во регионот на Доњецк

илустрација

Руските сили, наводно, влегле во предградието Часов Јар, додека исцрпените украински војници се борат да ја задржат одбраната на градот во регионот на Доњецк.

Преземањето на Часов Јар, кој е на релативно висока позиција, ќе им овозможи на руските сили да загрозат друг железнички град, Костјантинивка и потенцијално да ги загрозат поголемите и стратешки важни градови понатаму на север, како што се Краматорск или Славјанск.

Украинските власти не ги коментираа руските тврдења дека руските војници се на работ да влезат во Часов Јар, но командантите јавно кажаа дека борбите таму се тешки. Во дневниот извештај за 5 април, украинскиот Генералштаб забележа генерални борби преку линијата на фронтот, но ништо конкретно за Часов Јар.

Во меѓувреме, десетици украински беспилотни летала гаѓаа локации во западните региони на Русија и на други места рано утрото вклучително и на воздухопловната база со ловци-бомбардери Сухој, стотици километри од украинската граница.

Руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта соборило 53 украински беспилотни летала, вклучувајќи го и она што е пријавено во регионот на Саратов, каде што се наоѓа воздухопловната база Енгелс. Снимките објавени на Телеграм и другите социјални медиуми во текот на ноќта покажуваат дека воздушната одбрана пука на ноќното небо во близина на друга воздушна база поблиску до украинската граница.

Видеата не можеа веднаш да се потврдат.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руските затвори се празнат, осудениците и чуварите одат на фронтот во Украина

Во меѓувреме во западниот регион Курск, најмалку четири згради се оштетени со беспилотни летала, но нема информации за жртви, напиша регионалниот гувернер на Телеграм.

Украина, која ретко коментира за нејзиното таргетирање на руски локации, рече дека Москва лансирала 13 беспилотни летала во текот на ноќта во регионите во јужна Украина, но тврди дека сите биле соборени.

„Во нападот Русија истрела и пет балистички ракети“, се наведува во соопштението на украинското воздухопловство за Телеграм.

Урнатините од еден од нападите во јужниот регион Запорожје оштетиле куќи и помошни згради, но нема извештаи за жртви. Официјални лица на вториот по големина град во Украина, Харкив, известија за нови експлозии во раните утрински часови на 5 април, при што биле оштетени четири автомобили и една станбена зграда, но засега нема информации за жртви.

Харкив беше погоден од руски напади во последните недели, уништувајќи ја електричната мрежа на градот и предизвикувајќи страв кај жителите.

Видете и ова: Четворца мртви и дванаесет повредени во руски напад врз Харкив

Спасувачите и општинските работници продолжија да ги расчистуваат остатоците од нападот на руско беспилотно летало еден ден претходно, во кој загинаа најмалку тројца работници за итна помош кои реагираа на претходниот напад.

Во своето ноќно обраќање на 4 април, претседателот Володимир Зеленски го осуди нападот врз пожарникарите и итните работници.

„Масовен и циничен напад, кога спасувачите пристигнаа на местото на нападот, терористите повторно нападнаа“, напиша Зеленски на платформата X.

На бојното поле, руските сили продолжија со постепен напредок и беа на работ да влезат во Часов Јар, мал град лоциран покрај главната железничка врска исток-запад. Руските воени блогери рекоа дека војниците влегле во периферијата на градот на 5 април, што не може веднаш да се потврди.

Руските трупи го нападнаа Часов Јар по потиснувањето на индустрискиот град Авдијивка, кој го освоија во средината на февруари.