Летонскиот министер за надворешни работи Крисјанис Каринс изјави дека предлогот за создавање петгодишен фонд од 100 милијарди евра (107 милијарди долари) за Украина ќе ја подобри координацијата меѓу членките на НАТО во обезбедувањето воена помош и ќе испрати сигнал до Москва дека тие во Алијансата помагаат заедно.
Крисјанис Каринс во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел рече дека сојузниците дале зелено светло за изработка на план за тоа како ќе функционира пакетот помош.
Во моментов, сојузниците работат на „ад хок“ основа во која различни коалиции обезбедуваат муниција, беспилотни летала, опрема за деминирање и друга помош, рече тој.
„Тоа би можело да биде подобро координирано за да се усогласат потребите на Украина со расположливите ресурси на различни сојузници на НАТО“, рече Каринс.
Второ, предлогот за помош од 100 милијарди евра (108 милијарди долари) ќе и даде на Украина сигурност и долгорочна стабилност во финансиската помош, рече тој.
Помошта може да дојде во форма на оружје или муниција, но може да биде и директна исплата од НАТО.
„Мислам дека е исклучително важно да им дадеме јасен сигнал на нашите украински пријатели и војници на фронтот, но исто така и многу јасен сигнал до Москва, за Москва да види дека тоа не се само поединечни земји, туку всушност сите ние заедно,“ рече министерот.
Видете и ова: Столтенберг: На Украина и треба попредвидлива и посилна поддршкаМинистрите за одбрана на НАТО на 3 април се согласија да започнат со планирање за поголема улога во координирањето на воената помош за Украина. Но, далеку од јасно е дали предложениот фонд ќе биде прифатен од сите членки на Алијансата, што е потребно според нејзиното правило за донесување одлуки со консензус.
Каринс рече дека има уште неколку месеци до самитот на НАТО во јули во Вашингтон и оти се надева дека дотогаш ќе може да се разработи начинот на кој ќе функционира фондот.
Министерот за надворешни работи на Летонија, исто така, рече дека останува отворено прашање дали фондот од 100 милијарди евра, покрај веќе уплатените пари, ќе дојде од членките што ја исполнуваат основната линија за трошоците за одбрана од 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) што е дговорено со години порано или би биле сосема нови средства.
Летонија, на пример, веќе вети дека ќе потроши 0,25 отсто од БДП на земјата за поддршка на Украина и не е јасно дали ветувањата кои се уште не се реализирани ќе бидат дел од придонесот на земјата-членка во овој фонд или ќе има нови средства.
Каринс рече дека се залага за поправедна поделба на товарот за да и помогне на Украина. Тој призна дека 0,25 отсто од БДП што Летонија го вети ќе биде многу помал износ од 0,25 отсто од БДП-то што би ги обезбедиле земјите како Франција или Германија, но дека тоа всушност значело истото.