Израел ќе дозволи привремена испорака на помош за Појасот Газа

Брод на Светската централна кујна (WCK) натоварен со храна пристигнува крај брегот на Газа, март 2024

Израел ќе дозволи „привремена“ испорака на помош за Појасот Газа преку преминот Ерез, објави кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху на 5 април.

„Воениот кабинет ги овласти премиерот, министерот за одбрана (Јоав Галант) и министерот од воената влада Бени Ганц да преземат итни чекори за зголемување на хуманитарната помош за цивилното население во Појасот Газа“, се вели во соопштението.

Како што се додава, помошта ќе придонесе за спречување на хуманитарната криза, но „неопходно е и да се обезбеди продолжување на борбите и да се постигнат целите на војната“.

Израел ќе одобри „привремена“ испорака на хуманитарна помош преку израелското пристаниште Ашдод, 40 километри северно од Газа, и преку преминот Ерез, на југот на земјата.

Властите, исто така, ќе дозволат поголема испорака на јорданска помош преку Керем Шалом, граничен премин во јужен Израел.

Во меќувреме се зголемува меѓународниот притисок врз израелската влада поради хуманитарната катастрофа во Газа.

Американскиот претседател Џо Бајден на 4 април за прв пат зборуваше за можноста помошта од САД за Израел да биде условена.

Тој му рекол на Нетанјаху дека во иднина американската поддршка за војната во Појасот Газа ќе зависи од чекорите што ќе ги преземе израелската страна за заштита на цивилите и хуманитарните работници.

Двајцата разговарале по телефон само неколку дена откако седум хуманитарни работници беа убиени во израелски воздушен напад во Појасот Газа, потсетува АП.

Министер во израелската влада ги негираше тврдењата на Светската централна кујна (WCK) дека израелските сили намерно целеле и убиле седум хуманитарни работници на 1 април во Газа.

Видете и ова: Седум хуманитарци убиени во „израелски напад“ во Газа

Исто така, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека американската поддршка ќе се намали доколку Израел не направи значителни прилагодувања на начинот на кој води војна.

„Ако не ги видиме промените што треба да ги видиме, ќе има промени во нашата политика“, рече тој.

Израелските напади врз Појасот Газа почнаа по 7 октомври, кога припадниците на Хамас, организација прогласена од САД и ЕУ за терористичка, на југот на Израел, убиле 1200 луѓе и зеле 253 заложници.