Пендаровски очекува масовен одзив за европски просперитет

Стево Пендаровски, кандидат за претседател, 2.4.2024 година

Кандидатот за претседател на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски на вечерашниот митинг во Прилеп што се одржа на градскиот плоштад „Методија Андонов-Ченто” рече дека очекува масовно гласање уште на 24-ти зашто тој резултат ќе ни каже кој ќе биде победникот и на 8 мај.

Истакна дека во овој мандат кој, бил во пандемија и ненаклонет меѓународен контекст, и покрај сите околности Северна Македонија стана членка на НАТО.

Порача дека ќе бидеме и членка на ЕУ и „може да бидеме како Словенија но ни треба слога“ и „само ако не се глодаме меѓу себе“ ќе имаме стандард, високи плати и мала невработеност, што ќе ги спречи младите да се иселуваат зашто и овде ќе имаат достоинствен живот.

Ако Северна Македонија во догледно време не стане членка на ЕУ, рече тој, сами не ќе можеме да го спречиме во поголем процент иселувањето.

„Затоа е императивно на достоинствен начин да влеземе во ЕУ. Не треба да ни се одземе кои сме и што сме, јазикот и идентитетот ни се гарантирани...Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете 1, Македонија не смее да се враќа назад, туку да оди само напред, истакна Пендаровски.

Според него, ова нема да бидат историски избори бидејќи „нема дилема зашто се е јасно со бела и црна понуда“, но, како што рече, „постои опасност од главната опозициска партија која нуди враќање назад“.

Видете и ова: Започна претставувањето на претседателските кандидати пред гласачите

„Ниеден договор не им чини. По 23 години од Рамковниот договор сакаат и него да го менуваат. Сакаат Преспанскиот да го вратат зашто им пречи името Северна Македонија. А не им пречи на нивните функционери да земаат плати и да имаат мандати под тоа име. Не им пречи Северна да дојдат на власт, рече Пендаровски, додавајќи дека оваа гарнитура ги отвори преговорите со ЕУ, а од другата страна, рече, се квазипатриоти што сакаат „да се дограбат до власт“.

На прилепчани им соопшти дека, според број на жители, од Прилеп имал најмногу потписи за неговата кандидатура. Ова е прв ден од претставувањето на претседателските кандидати од изборите во 2024 година.