Обединетите нации го суспендираа ноќното движења во Газа

Возилото во кое беа хуманитарци на World Central Kitchen, убиени во напад на Газа, 2 април 2024 година

Обединетите нации (ОН) го суспендираа ноќното движење во Газа за најмалку 48 часа за да ги проценат безбедносните прашања по убиството на хуманитарните работници кои работеа во добротворната организација за храна „Светска централна кујна“ (World Central Kitchen), изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.

Тој рече дека суспензијата започна во вторникот, 2 април.

Светската програма за храна продолжува да работи во текот на денот, вклучувајќи ги и секојдневните напори за испраќање конвои во северниот дел на Газа „каде луѓето умираат“, рече Дужарик.

Тој исто така рече дека гладот се зголемува и дека „потребен е хуманитарен персонал и залихи за да можеме слободно и безбедно да се движиме низ Појасот Газа“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел по грешка убил седум луѓе кои работеле за „Светска централна кујна“ на 1 април, во воздушен напад во Газа, што предизвика осуда и повици за објаснување од САД и од другите сојузници.

Видете и ова: Седум хуманитарци убиени во „израелски напад“ во Газа


„Светска централна кујна“, основана од познатиот шпански готвач Хозе Андрес, е вклучена во испораката на помош за Појасот Газа, кој од март пристигнува со брод од Кипар во воената зона.

Андрес за Ројтерс изјави дека нападот во Газа во кој загинаа седуммина негови работници бил насочен кон нив. Тој рече дека хуманитарната група имала јасна комуникација со израелската армија, која, како што рече, знаела за движењата на хуманитарните работници.

Хуманитарните работници беа убиени кога нивниот конвој беше погоден откако го надгледуваа истоварувањето на 100 тони храна донесена во Газа по море. Убиените хуманитарци биле од Австралија, Полска, Велика Британија и Канада.

Видете и ова: Нетанјаху: Хуманитарци загинаа во ненамерен израелски напад во Газа

Обединетите нации веќе подолго време се жалат на пречки за примање и дистрибуција на помош низ Газа. Тие постојано повикуваа на итен хуманитарен прекин на огнот во шестмесечната војна меѓу Израел и Хамас, прогласена за милитантна организација од Европската унија и од САД.

Израелските напади врз Појасот Газа започнаа по 7 октомври, кога припадниците на Хамас во јужен Израел убија 1.200 луѓе и зедоа 253 заложници.

Оттогаш, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, најмалку 32.845 Палестинци биле убиени во израелските напади.