Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски од утре, 4 април, од Крушево ќе ја почне кампањата за претседателските избори закажани за 24 април. Караванот ќе заврши во Струмица на 22 април, најави Димитриевски на денешниот брифинг за медиумите.
Слоганот на партијата е „Максимум за Македонија“, а програмата ќе биде именувана како „Манифест за Македонија“.
„Ќе се обидеме во следниот период да допреме директно до граѓаните. Ќе тргнеме симболично од Крушево, таму каде што се поставени темелите на нашата држава. На граѓаните ќе им ја објасниме нашата програма, која содржи пет конкретни начела, со конкретни решенија за нашите можности како држава“, рече Димитриевски.
Димитриевски најави дека ќе одржи и два помасовни собири, едниот во Куманово, а за локацијата на другиот дополнително ќе се одлучи.
Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април на полноќ, а ќе заврши на 22 април. Има седум кандидати за претседател на Северна Македонија.
Согласно редоследот на претседателските кандидати на гласачкото ливче за претседателски избори под број еден е кандидатот на СДСМ – Стево Пендаровски. Број два е кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ-Гордана Силјановска-Давкова, број три е кандидатот на ГРОМ – Стевчо Јакимовски. Под број четири е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, под број пет е Билјана Ванковска-Цветковска, кандидат на Левица. Под број шест е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и под број седум е кандидатот на ЗНАМ – Максим Димитриевски.