Малтретирање било мотивот на 12-годишникот кој на 2 април пукаше во училиште во Финска, при што едно дете загина, а две деца беа повредени, соопшти финската полиција.
Момчето било приведено еден час откако отворило оган врз другите деца во основното училиште „Виертола“ во градот Вантаа.
„Денес дознавме дека зад трагедијата стои малтретирање“, изјави главниот истражител Марко Сарка за Ројтерс. Прелиминарната полициска истрага потврдила дека момчето било цел на малтретирање, наведуваат истражителите во посебно соопштение. Не беше кажано дали напаѓачот конкретно ги таргетирал жртвите.
Дозволата за пиштолот користен во нападот му припаѓала на роднина на осомничениот, соопшти полицијата. Не е познато како момчето го добило оружјето.
„Полицијата го истражува ова како посебен прекршок со огнено оружје“, се наведува во соопштението на истражителите.
Ранетите девојки се во болница и имаат повреди опасни по живот. Едно од ранетите девојки е по потекло од Косово.
Знамињата на јавните згради низ Финска беа спуштени на половина копје, а во земјата беше прогласен и ден на жалост.
Отворена е истрага за убиство и обид за убиство. Но, поради возраста, осомничениот не може кривично да одговара и сега е заштита на социјалните служби.
Училиштето „Виертола“ во Вантаа има 800 ученици и 90 вработени и го посетуваат ученици од седум до 15 години.
По смртоносните престрелки во училиштата во 2007 и 2008 година, Финска ги заостри законите за оружје во 2010 година и воведе тест за способност за сите кандидати за дозвола за оружје. Минималната возраст за апликантите исто така е зголемена на 20 години, од првичните 18 години.
Во Финска, земја со 5,6 милиони жители, има издадено повеќе од 1,5 милиони дозволи за огнено оружје.