Австриската полиција соопшти дека семејството на исчезнатoто двегодишно девојче Данка Илиќ претпоставува дека Данка е на видео-снимката направена на трамвајската станица во Виена, неколку дена откако девојчето на 26 март исчезна од местото Бањско поле близу Бор, во источна Србија.
Потрагата по Данка до денеска, 3 април, трае веќе девет дена.
„Откако роднините на исчезнатото девојче ја погледнале снимката, претпоставиле дека е многу веројатно дека станува збор за девојчето од Србија“, соопштија од виенската полиција.
Полицијата во Виена наведува дека видеото до српските власти го препратил маж кој на 30 март на трамвајската станица „Шотенринг“ наишол на девојчето во придружба на две возрасни жени и забележал сличност меѓу неа и двегодишната Данка Илиќ.
Виенската полиција побара од сите кои ги препознаваат жените од видеото или имаат какви било информации, веднаш да ја контактираат полицијата на 01-31310-33800 или да се обратат во која било полициска станица.
И амбасадата на Србија во Виена апелираше до граѓаните доколку ја препознаат исчезнатата Данка Илиќ на територијата на Австрија веднаш да ја известат српската или австриската полиција.
Полициски патроли се во Бањско поле, каде се уште се пребарува теренот.
Се проверуваат сите факти и сите лица кои може да се поврзат со исчезнувањето на девојчето, соопшти полицијата на 2 април.
Во меѓувреме, Интерпол, меѓународната полициска организација, најави потрага по исчезнатото девојче од Србија.
Нејзината фотографија е објавена на сајтот на Интерпол и опишани се карактеристичните детали за нејзиниот изглед.
Данка Илиќ има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Девојчето може да се препознае по обесена брадавица на левото уво и бенка со неправилна форма и малку темна боја на левата подлактица.
Во потрага по девојчето на терен беа полицајци, пожарникари-спасувачи, припадници на планинската спасувачка служба, припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи, ловџии и бројни граѓани. Во потрагата се користеа и хеликоптери и беспилотни летала со термо камери.
На денот на исчезнувањето, полицијата за прв пат во Србија го активираше системот „Најди ме“, кој итно ја информира јавноста за исчезнувањето на дете.