Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на три члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, иницијатива што ја покренаа партијата „Левица“, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, а која се однесува на работните часови на работниците за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“.
Споре Христина Беловска, портпаролка на Уставниот суд, не се прифатени наводите во иницијативите на подносителите, бидејќи судот не нашул неуставност во одредбите кои ја уредуваат прекувремената работа за проекти од стратешко национално значење.
„Според Уставниот суд, неосновани се наводите дека не е предвидена горна граница на прекувремената работа. Тоа е определена токму во ставот 2 на оспорениот член, односно дека работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор во согласност со членовите 133 и 134 од Законот за работните односи. Токму овие членови го регулираат правото на дневен одмор, односно правото на работникот да има дневен одмор од 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена и правото на работникот на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато“, рече Беловска.
Според неа, формулацијата на оспорената законска одредба дека ниту еден работник не може да биде распореден да работи прекувремена работа без негова согласност, упатува дека прекувремените работни часови се избор, а не обврска.
Синдикатите изразија разочарување и револтираност од одлуката.
„Денешната Одлука на Уставниот суд е печат на модерно ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век, а се случува и денес во срцето на Европската унија во 2024 година“, реагираа Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).
Кога ги оспори трите члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, од „Левица“ оценија дека законската норма која предвидува дека прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна дадена писмена согласност од страна на работникот, „е уназадувачка, општествено-деградирачка и нехумана и е во спротивност со основните слободи и права на граѓаните“.
Според Хелсиншки комитет, оспорените одредби се во спротивност со Уставот, односно се наведува дека со нив се напушта нивото на заштита кои го нудат позитивните законски прописи и меѓународни конвенции „и се прави обид да се наметне механизам за заобиколување на веќе воспоставени правила, што создава опасност од нееднаков третман и дискриминација на одредена група работници со акт на министер“.
Конзорциумот „Бехтел и Енка“ ги гради коридорите 8 и 10Д. Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.
Собранието во мај 2023 година усвои повеќе законски измени со кои им се олесни и забрза работата стратешкиот партнер за изградба на кордорите 8 и 10д, меѓу кои и измените на законот за работни односи со кои се овозможи прекувремена работа. Законите се менуваа во скратена собраниска процедура со европски знаменце.
Несоодветната употреба на европското знаменце е нотирана и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата.
„Повикуваме на тоа дека ЕУ знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласт со ЕУ нормите, а не да се скрати дебатата за важни прашања. Има злоупотреба на знаменцето во случајот на измените на кривичните закони и законите поврзани со патните коридори 8 и 10Д на Бехтел и Енка Договорот“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на 26 октомври лани.