Очекувањата се дека претстојните избори ќе бидат фер и демократски без никакви притисоци изјави претседателот на Државната изборна комисија(ДИК), Александар Даштевски, по завршувањето на средбата на претседателите на подмладоците на политичките партии кои потпишаа Декларација за фер, слободни и демократски избори.
„Сметам дека вчерашниот настан за потпишување на Кодексот имаше тензии, меѓутоа не верувам дека ќе продолжи во таа атмосфера, затоа што главно сите услови се исполнети.Сметам дека ќе поминат овие детски болести на напаѓања и нефер кампања и ќе се фокусираат партиите на изборната кампања, односно претставување на програмите, откако ќе почне кампањата“, рече Даштевски.
Претседателските кандидати вчера го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, освен претседателскиот кандидат на ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“, Стево Јакимовски. Тој порача дека ќе го почитува Кодексот, но дека нема да го потпише доколку ДИК не гарантира дека ќе организира дебати, посочувајќи дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средствата за кампањата не се рамноправно поделени.
Претседателите на подмладоците на политичките партии денеска ја потпишаа Декларацијата за фер, слободни и демократски избори и против говор на омраза. Тие порачаа дека на претстојните избори натпреварот треба да се одвива со програми и идеи, а не како што рекоа, со црна кампања.
Чинот на потпишување на Декларацијата е традиционален настан кој се одржува пред секои избори уште од 2014 година.