Османи: Нашата поддршка за Украина е непоколеблива

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Нашата решеност да ја поддржиме Украина останува непоколеблива. Нашето единство и решителност се нашите сили во залагањето за значителна помош за Украина, соочувајќи се со предизвиците што ги носи руската агресија, порача министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, пред почетокот на состанокот на шефовите на дипломатии на земјите членки на НАТО во Брисел, на која главни теми ќе бидат одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на Северноатлантскиот пакт и приоритетите на Алијансата.

„Се разбира, овие предизвици имаат пошироки импликации, при што Украина е само еден дел од руските империјалистички амбиции, кои се закануваат на Молдавија, Грузија и на Западен Балкан. Ова бара синхронизиран напор меѓу НАТО и ЕУ, нагласувајќи ја итноста од забрзана европска и евроатлантска интеграција за одржување на нашата колективна безбедност“, изјави Османи.

Тој додаде дека во фокус на состанокот ќе бидат прашањата што ќе ги обликуваат клучните резултати за претстојниот самит во Вашингтон, во јули.

„Клучна агенда е да се изгради на нашата колективна посветеност за споделување на товарот, при што Северна Македонија ќе служи како пример, преку постигнување на целта на Самитот во Велс. Нашата цел не е само да ги задржиме, туку и да ги зголемиме нашите одбранбени инвестиции на 2,15% од БДП до 2025 година“, истакна Османи.

Видете и ова: Столтенберг: На Украина и треба попредвидлива и посилна поддршка

Дводневниот министерски состанок ќе започне попладнево со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии.

Средбата продолжува утре со прослава на 75-годишнината од основањето на Пактот, кој ќе започне со церемонија на полагање венци од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претседателот на Воениот комитет на Алијансата, адмиралот Роб Бауер.

Прославата ќе продолжи со обраќања на Столтенберг, Бауер и на министрите за надворешни работи на Албанија, Белгија, Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Чешка.

По свеченоста ќе се одржи заседание на Советот НАТО-Украина, а министерскиот состанок ќе заврши со средба на шефовите на дипломатиите со претставници на државите партнери на Алијансата од Индо-пацифичкиот регион, меѓу кои и од Австралија, Јапонија, Кореја и Нов Зеланд. На средбата ќе присуствува и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.