Власта и опозицијата во Србија без договор за изборните услови

Зградата на српското собрание (архивска фотографија)

Разговорите меѓу претставниците на власта и опозицијата за изборните услови завршија без договор меѓу претставниците на власта и опозицијата, соопштија претставници на опозициската коалиција „Србија против насилството“.

Мирослав Алексиќ од оваа коалиција рече дека власта не се согласила со барањето на опозицијата да се одржат и други локални избори истовремено со белградските.

„Власта избра да оди на избори без опозиција“, рече тој.

На претходната средба не беше постигнат договор, а претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, тогаш изјави дека е неприфатливо барањето на опозициските коалиции „Србија против насилството“ и НАДА да се одржат белградските и локалните избори во ист ден.

Таа рече дека владејачката коалиција прифатила две од трите барања на опозицијата - да се формира независна комисија која ќе изврши ревизија на избирачкиот список и јавниот сервис да биде подеднакво достапен за сите.

Копретседателот на Зелено-левичарскиот фронт (ЗЛФ) и пратеник Радомир Лазовиќ пред новата средба изјави дека, без разлика кога власта сака да има избори, дали во јуни или на есен, властите треба да докажат дека се за подобрување на изборните услови.

„Очекувам дека денеска ќе се изјаснат не само за датумот и спојувањето на изборите, туку и за тоа дали препораките на ОДИХР може да се усвојат навреме, за промените да имаат влијание врз промената на катастрофалната состојба на изборите“, изјави Лазовиќ.

Видете и ова: Дел од српската опозиција уште еднаш ја покани власта на дијалог за изборните услови

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека 3 април е законскиот рок за распишување на изборите во Белград и дека тие мора да се одржат најдоцна на 2 јуни.

Во Белград, локалните избори се повторуваат, бидејќи ниту една партија не победи доволно за да формира влада.

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во својот извештај за декемвриските избори во Србија оцени дека условите не се еднакви за сите, бидејќи доминантно е учеството на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Видете и ова: Протест пред Уставниот суд во Белград, демонстрантите побараа поништување на изборите

ОДИХР наведе 25 препораки за подобрување на изборните услови, а претседателката на Собранието Ана Брнабиќ вели дека четири се веќе спроведени.

Во извештајот се наведува и дека имало притисок врз вработените во јавниот сектор да гласаат за владата, злоупотреба на јавните ресурси во нејзина полза и медиумска доминација на Вучиќ.

Надлежните ги демантираа наводите за изборни нерегуларности, но најавија дека ги исполнуваат препораките на ОДИХР.

На 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини низ Србија.