Евидентирани 312 случаи на голема кашлица во Скопје, се следи состојбата во Куманово

илустрација

Вкупно 312 случаи на голема кашлица се регистрирани во Скопје годинава, потврди доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје, за МИА.

Во главниот град на државава сè уште е во тек епидемијата на пертусис, односно голема кашлица.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ вели дека се следи состојбата со голема кашлица и во Куманово, каде има зголемување на бројот случаи.

„Во врска со пертусисот, се забележува зголемување на бројот случаи во Куманово. Комисијата за заразни болести ја следи состојбата и доколку има потреба од дополнителни мерки, истите ќе ги препорача“, нагласи Мехмедовиќ.

Видете и ова: Големата кашлица се шири - вакцинацијата долг процес и за оние кои сакаат да ги вакцинираат децата

Тој кажа оти нема зголемување на бројот случаи регистрирани со грип или болест што наликува на грипот.

„Се работи за вообичаена фреквенција на новодетектирани, заболени во овој период од годината. Тоа не е нешто што треба да не загрижува“, додаде Мехмедовиќ.

Центарот за јавно здравје Куманово вчера прогласи епидемија на пертусис на ниво на ова подрачје.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфекција може да предизвика дополнителни компликации.

Комисијата за заразни болести на 14 март препорача децата кои примиле три дози на ДиТеПер вакцината да може да посетуваат градинка, но под услов да се ревакцинираат за шест месеци.

Инаку кај деца, првата доза вакцина ДиТеПер се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.