Американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит, предупреди дека Русија користи класични методи за да предизвика нестабилност во регионот на Западен Балкан.
Говорејќи на виртуелна прес-конференција во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата, Смит истакна дека веќе со години на Западен Балкан е видлива „класично руско делување“ во кое се користат низа хибридни тактики за дестабилизација на регионот.
„Тоа (дестабилизација) е крајната цел. А за тоа таа користи класичен список на инструменти. Еден од нејзините препорачани инструменти е употребата на дезинформации, кои таа ги користи нашироко низ целиот регион за да ги подели општествата одвнатре, да ја подели Европа одвнатр и да ги одвои САД од нивните европски сојузници и од нашите пријатели од Западен Балкан“, рече амбасадорката Смит.
Видете и ова: ОН: Повеќе од 10.000 цивили убиени во УкраинаОценувајќи дека дезинформациите се „класична игра на Кремљ“, американската амбасадорка нагласи дека во исто време се користат и „злонамерни сајбер напади“ со цел да се дестабилизира ситуацијата во регионот.
„Алијансата многу напорно се обидува да го направи спротивното и да го стабилизира регионот“, рече Смит.
Амбасадорката истакна дека внимателно се следат сите руски дејствија во регионот и во оваа насока тесно соработува и со земјите од Западен Балкан кои се членки на Алијансата и со оние кои се во соседството на НАТО, како што се Босна и Херцеговина и Србија.
Шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО ќе се соберат во Брисел на 3 и 4 април на редовен министерски состанок.
Состанокот, кој се совпаѓа со 75-годишнината од формирањето на Алијансата, ќе биде прв на кој Шведска ќе учествува како полноправна членка.
Во февруари годинава, рускиот амбасадор во Црна Гора, Владислав Маслеников, предупреди дека проширувањето на Европската унија (ЕУ) на Западен Балкан значи вовлекување на тие земји во конфронтација со Русија.
За Радио Слободна Европа (РСЕ), ЕУ ја нарече таа изјава неоснована и неточна, додека американскиот Стејт департмент за РСЕ изјави дека токму малигното влијание на Русија на Западен Балкан укажува на итноста и важноста на влезот на балканските држави во ЕУ.
Имено, во интервју за рускиот весник „Известија“, кое е објавено на веб-страницата на руската амбасада, Маслеников за првпат експлицитно се „закани“ со конфронтација со земјите од Западен Балкан поради нивниот европски пат. Досега Русија само го сметаше проширувањето на НАТО како закана.
Видете и ова: Србија знае дека употребата на сила против Косово би била неприфатлива, порача О'БрајанАналитичарот на Финскиот институт за меѓународни односи (ФИИА) и поранешен функционер на НАТО Едвард Хантер Кристи, во интервју за РСЕ, претходно изјави дека воените лидери на многу европски земји предупредуваат на многу поголема веројатност за директна војна меѓу европските членки на НАТО и на Русија.
Тој изјави и дека „постои значителен ризик Путин да биде заинтересиран да го покрене српското прашање“.
„Сигурен сум дека оние луѓе во Србија и во Република Српска во Босна кои исто така се реваншисти или сакаат да создадат Голема Србија со спојување на Република Српска и Србија - гледаат во Москва со многу надеж. Бидејќи дестабилизацијата на Западен Балкан на овој начин би можело да биде многу интересно за Русија“, изјави Кристи.