Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, на 2 април рече дека Косово мора итно да ја спроведе повеќегодишната определба за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и предупреди дека ако не го стори тоа ќе се соочи со последици на својот пат кон ЕУ.
Тој оцени дека формирањето на Заедницата е обврска за Косово и дека „Европската унија тоа неколку пати го повторила на највисоко ниво и пред европските лидери“.
Косово и Србија постигнаа договор за Заедницата во 2013 година, а потоа во 2015 година и за принципите на нејзиното формирање.
Сепак, Уставниот суд на Косово во 2015 година утврди дека договорот не е во целосна согласност со Уставот.
На крајот на минатата година, меѓународната заедница го претстави нацрт-статутот на Заедницата пред партиите. Партиите првично рекоа дека начелно го прифатиле, но не презеле ништо.
Во интервју за Радио Слободна Европа на 19 март, косовскиот премиер Албин Курти рече дека не го прифаќа овој нацрт-статут.
Видете и ова: ЕУ допрва треба да ги договори измените во преговарачката рамка за СрбијаСтано повтори дека формирањето на Заедницата е поврзано со напредокот на Косово да стане дел од Унијата.
„Ако Косово не може да даде резултати во оваа насока, тогаш тоа нема да се гледа како позитивен сигнал - дека сака да оди по патот на нормализирање на односите [со Србија], што сега е поврзано со напредокот на Косово на патот кон ЕУ“, додаде тој.
Европската унија, САД и Велика Британија сè уште инсистираат на тоа дека Косово е обврзано да ја формира Заедницата.
Стано нагласи дека на состаноците со партиите постојано се разговара за прашањето за формирање на Заедницата.
Портпаролот на ЕУ рече дека на овонеделната средба на ниво на главните преговарачи на Косово и Србија, главното прашање ќе биде изнаоѓање решение за забраната за употреба на динарот на Косово.
Тој посочи дека минатонеделните разговори бележат напредок и дека тие ќе продолжат во четврток на 4 април во Брисел.
Видете и ова: Курти: Се подготвуваме да ја обвиниме Србија за воени злосторстваУпотребата на динари за готовински плаќања во Косово е забранета од 1 февруари, кога Централната банка на Косово спроведе нова регулатива со која еврото е единствена официјална валута во земјата.
Ова прашање, освен што ја налути Србија, предизвика и несогласувања меѓу Владата на Косово и меѓународната заедница, бидејќи српската заедница на Косово со години добива исплати во динари од српскиот буџет.
Западните дипломати побараа од Косово да ја суспендира оваа регулатива, за да им се даде време на погодените граѓани да се прилагодат на новата практика.