Протест на ССМ - На 1 мај на судиите ќе им дадеме црвен картон

Илустрација.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска организираше протест пред зградата на Врховниот суд, каде што „судиите добија жолт картон“ поради судската одлука да им се одземе сопственоста на Работничкиот дом.

Од ССМ наведоа дека со оваа акција сакаат да порачаат дека правото мора да владее во државата и дека не е работа на синдикатите да се изборат за тоа. Но, како што посочија, кога мораат тие ќе покажат дека правото ќе владее во земјава.

Представниците на ССМ најавија дека по 1 мај ќе им дадат црвен картон на судиите, ако не се земе предвид правото на работниците. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави:

“Чекаме до 1 мај. Доколку влезат во нашиот дом, ќе влеземе во нивните домови. Доколку го земат нашиот дом, ќе ги земеме нивните домови. Ние друг избор немаме, отстапка назад немаме. Ние сме доведени до ѕидот, а до ѕидот се знае што се прави - се гази само напред и само право”, рече Трендафилов.

Видете и ова: ССМ на протест пред Врховен суд поради одлуката за одземање на Работничкиот дом

ССМ истакна дека време е правото и правдата да победат и дека не може на слободно судско убедување да одзема имот кој, како што рекоа, работниците започнале да го градат во 1958 година врз основа на законот од 1998 година.

„Оваа судска одлука е нешто што не се среќава во светот - суд со пресуда на работници кои двоеле од сопствена уста, од лебот, од синдикалната членарина, од нивните плати, да го одземаат и да го даваат на државата“, беше кажано на прортестот.

Беше најавено дека на 18 април треба да се одржи рочиште во Основниот граѓански суд кој требал само да го препрати предметот во Врховниот суд кој, пак, треба да одлучува по барањето за повторување на постапката со истиот судски совет кој ја донел првичната одлука.

Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом му се одзема на ССМ по што раководството на Сојузот побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет.

ССМ има испратено барање и до Уставниот суд бидејќи Врховниот суд не ја почитувал одлуката на Уставниот суд донесена во 1992 година во која се кажува дека државата нема право да одзема имот на синдикатите.